
Националната галерија во Лондон продолжува да ја развива својата мрежа на инфлуенсери. Минатата година, по повод двестегодишнината, ја започна програмата „200 креатори“, во која беа вклучени двестотини креатори на содржини од социјалните мрежи. Според податоците на музејот, нивните објави во 2024 година достигнале 42 милиони прегледи и над 2.2 милиони интеракции.
Оваа година започнува втората фаза, но во помал обем – ќе бидат избрани 50 нови креатори (аплицирањето заврши на 31 август). Тие ќе имаат пристап до претпремиери на изложби, работилници и настани, како и можност да снимаат содржини во галеријата надвор од работното време, без посетители. Минатата година 20 од избраните добија статус „креативни соработници“ и по 4.000 фунти за поддршка на нивната работа; годинава платени ќе бидат четворица од педесеттемина.
Критериумите за пријавување остануваат исти – најмалку 50.000 следбеници на јутјуб, 100.000 на инстаграм или 50.000 и еден милион лајкови на Тикток. Сепак, од галеријата охрабруваат и оние што не ги исполнуваат условите, но се активни на други платформи, да аплицираат. „Бараме луѓе од цела Британија, од различни заедници на интернетот. Лани имавме историчари на уметност, но и пекари, грнчари, комичари, кројачи“, вели Ели Вајант, менаџерка за комуникации во Националната галерија.
Минатогодишната програма предизвика голем интерес и кај други музеи, кои сè почесто се интересираат за слични иницијативи. Вајант истакнува дека проектот бил подготвуван со години и бара значителни ресурси, но и дека станал инспирација за институции ширум светот.
Музејот останува во контакт со учесниците од првата програма, кои сега ќе имаат улога на алумни. За многумина таа соработка веќе се исплатила – уметничкиот тандем Адеш Атеље доби нарачки од Би-би-си, Кралската академија за уметности и музејот Фицвилијам во Кембриџ токму благодарение на проектот „200 креатори“.