
Фото: EpaImages
Филмот „Гласот на Хинд Раџаб“ беше еден од најочекуваните на Венецијанскиот филмски фестивал и уште пред премиерата, која се одржа вчера, 3.9., беше сметан за фаворит за „Златен лав“. Тој прикажува како 5-годишната Хинд, додека бегала со своето семејство од Газа во јануари 2024 година, останала заробена во автомобил погоден од граната. Нејзините најблиски загинале на лице место, а таа со часови била во контакт со палестинската Црвена полумесечина, додека спасувачите се обидувале да стигнат до неа. Кога конечно успеале, девојчето било мртво. Според медиумски истраги, израелски тенк испукал тешка артилерија кон возилото. Во филмот е вклучена и вистинската аудио снимка од последниот разговор на Хинд.
Проекцијата беше проследена со палестински знамиња во публиката и скандирања „Слобода за Палестина“, а извршните продуценти Хоакин Феникс и Руни Мара на црвениот тепих носеа фотографија од Хинд заедно со авторската екипа. Феникс носеше и значка „Уметници за примирје“.
На прес-конференцијата актерката Саџа Килани прочита заедничка изјава од тимот, нагласувајќи дека приказната на Хинд е симболична за илјадниците деца загинати во Газа, како и за сите луѓе кои биле лишени од правото на достоинствен живот. „Хинд извика ‘Спасете ме’. Најстрашното прашање е: како дозволивме еден детски крик за живот да остане неслушнат?“, изјави таа.
Бен Ханија додаде дека учеството на познати холивудски имиња како Феникс и Мара е силна порака, бидејќи уметноста има моќ да им даде лице и глас на жртвите чии животи честопати се сведуваат на бројки и статистика.
Венецијанскиот филмски фестивал завршува задутре, 6.09.