Зошто престанавме да произведуваме Ајнштајни?

Интернетот им даде на луѓето слободен пристап до речиси целото знаење, но тоа не доведе до „златна доба“ на човештвото. Ако генијалноста зависеше само од вродени способности и пристап до информации, денес би требало да имаме повеќе „гении“ од кога било. Сепак, изгледа дека големите умови се поретки отколку во минатото.

Германскиот историчар и филозоф Освалд Шпенглер уште во 1914 година пишувал за Толстој, Достоевски, Маркс или Дарвин како за фигури со светско-историско значење, на исто рамниште со Платон или Њутн. Денес тешко е да се најде личност од последните децении која би била ставена во таков пантеон. Како нашата епоха да се карактеризира со „криза на генијалност“.

Некои велат дека идеите станале потешки за откривање, но тоа не објаснува зошто немаме повеќе големи умови и во уметноста или литературата. Недостатокот на генијалци претставува ризик за културниот и интелектуалниот развој на човештвото.

Во потрага по одговор, авторот на текст на оваа тема на сабстекот Τhe Intrinsic Perspective гледа во образованието. Истражувањата покажуваат дека видот на училиште или големината на класот не прават голема разлика – најважна е индивидуалната способност. Но постои една проверена метода што секогаш дава резултати: приватното подучување, односно туторството. Во минатото, особено кај аристократите, децата имале лични тутори кои ги воведувале во науката, филозофијата или уметноста. Многу познати гении – Маркo Аурелиј, Бертранд Расел, Дарвин, Ада Лавлејс, па дури и Ајнштајн – имале вакви лични ментори.

Денес, пак, туторството најчесто е насочено кон полагање тестови и упис во факултети, што е многу ограничен пристап. Масовното образование донесе повеќе еднаквост и подобри шанси за мнозинството, но со тоа се изгубила „артизанската“ форма на воспитување која создавала врвни умови. Авторот заклучува дека современото образование создава квалитетни, но „масовно произведени“ интелектуалци – а не уникатни гении од типот на Страдивари во музиката.

И уште нешто. Иако поентите се сосема издржани, текстот е од технолошки далечната 2022-ра, пред четботовите и развојот на ВИ. Со други зборови, дури сега генијалноста, онаа човечката, е ставена под знак прашалник. Но можеби наскоро ќе почне да важи точно обратното. Со оглед на тоа што машините ќе почнат да прават се', генијалноста ќе се состои во тоа да се остане - човек. 

6 септември 2025 - 13:24