Од памтивек па преку Бројгел и сè до неодамна, малите риби како проблем ги имаа само поголемите риби. Но освен од нив, и во метафорична и буквална смисла, малите денес се соочуваат и со други закани - од луѓето и индиректно од кокошките и прасињата, чија храна се прави од преработени рипчиња.
Во круговите загрижени за заштита на ваквите видови во последно време има предлог како да им се помогне. Иако звучи крајно контраинтуитивно, тој гласи - јадете повеќе мали риби.
Пол Гринберг е автор на „Четири риби" и „Американски улов: борбата за нашата локална морска храна" и дел од проект за одржлива морска флора, и особено јадлива фауна. Според него, фуражната риба е во опасност главно заради технолошкиот напредок кој им овозможил на рибарите да ловат со помош на синтетички мрежи, кои се поголеми и подолготрајни од оние направени од природни влакна. Дизел моторите пак овозможил рибарење подалеку од брегот, а сонарите се прилагодени да лоцираат цели јата риби. Како резултат на ваквиот „напредок", светскиот улов на годишно ниво се зголемил за четири пати од Втората светска војна. И покрај построгата регулатива, и зголемената свесност за прекумерното рибарење, голем број видови почнуваат рапидно да исчезнуваат.
Од перспектива на малите риби, потенцијалното опаѓање на рибите-предатори како туната или сабјарката, кои се популарни на менијата, звучи како добра вест. Сепак, поголемите и скапи риби стануваат луксуз, па комерцијалните риболовци почнуваат да се симнуваат надолу по гастрономскиот синџир. Малите риби се многу поранливи, се движат во густи групи кои се лесно воочливи и за нив треба мал напор да се уловат, практично како да ги ловиш во кофа. Заради ова, дури 37% од уловената морска храна е фуражна риба, во споредба со 10% од пред педесет години. Сепак, само мал дел од ова оди кај потрошувачите, главно како рибино масло и суплементи, додека главнината оди за пелети и фуражна храна.
Чарето за оваа состојба според Гринберг е следно - да се скрати напола уловот на риби за сточна храна, но да се зголеми цената на истата таа риба доколку се продава за човечка храна. Се разбира ова може да резултира со тоа што сега одеднаш сите ќе сакаат да ловат само ситна риба. Но едно паметно менаџирање со работата според него може да донесе резултат.
За да се оствари ова, харингата или нам попознатите плашици, гирици, циронки, грунци треба да станат „тренди" и инспирација на готвачите, да ги користат во ефектни, креативни комбинации наместо досегашните големи риби.
20 светски готвачи, меѓу кои и Феран Адриа и гостиварецот Рене Реџепи се согласиле да се посветат на една ваква мисија.