Токму тоа е идејата на еден нов сервис во Јапонија (Ikemeso Danshi) кој изнајмува атрактивни мажи да им помагаат да луѓе да се исплачат, како една форма на терапија.
Сервисот е дело на Хироки Тераи, еден живописен лик кој своевремено организираше катарзични разводи: кобајаги ќе се разведеш минувајќи низ сите драми на процесот по што ќе ти биде полесно а најчесто и ќе се смириш со партнерот.
Тераи потоа го смисли "rui katsu", групно расплакување, кога на неговите клиенти им пуштал тажни видеа а овие полека почнуваат да цмиздрат што обично завршува со колективно рикање. Слично на легендарната сцена од документарниот филм "Шампионите на Шутка" во која неколкумина натпреварувачи ѝ пуштаат своја музика на публиката а победува оној чија музика најмногу ги расплакала слушателите.
Тераи верува дека плачењето го чисти мозокот и душата и го намалува стресот.
"Без разлика дали имате проблеми на работа, не ви функционира диетата или врската, плачењето помага да се ресетирате," вели досетливиот претприемач.
Во новиот сервис можете да бирате еден од шестемина дечки на Тераи кои доаѓаат онаму каде што ви се плаче, ви прават друштво додека липате а потоа ви ги бришат солзите. Услугата чини 65 долари и не е прецизирано колку трае една сеанса.
Вакви сервиси во Јапонија успеваат не затоа што Јапонците се плачковци туку токму обратно, затоа што не се.Една меѓународна студија на таа тема покажала дека од испитани 37 националности, кај Јапонците е најмала веројатноста дека ќе заплачат. На другиот крај од листата се Американците.
Неодобрувањето на возрасното машко плачење во својата култура на своја кожа го осети локалниот политичар Риутаро Нономура кој на една прес конференција си дозволи да го совладаат емоциите и да се фрли во плач по што тамошната интернет заедница душата му ја извади со монтажи, мемиња и други ремети.
Кај нас политичар кој пушти солза (не сметајќи го последниот претседател на Извршниот Совет на СРМ, Глигорие Гоговски) беше Јани Макрадули кој се разнежни на една предизборна собиранка кога го убедија дека Свети Никола и Курбан Бајрам здружено работат на случајот тој да победи. Денес истиот веројатно би се расплакал - од среќа - единствено ако некој му го спомне името и партијата во иста реченица. Засега ја нема таа среќа.
Глејте ја фамозната сцена со нашите шампионски сограѓани: