Букбокс гледанка: „Двајца обвинители“ (2025)

Исклучително бавен и клаустрофобичен филм, со долги сцени снимени од статични позиции, со што создава чувство дека гледачот е заробен во бездушниот механизам на советската држава. Наместо отворено насилство, филмот ја прикажува тивката, бирократска суровост - систем што се одржува преку страв, одложувања, молк и чувство на вина.

1937, време на Сталин. Младиот обвинител Корнев, тукушто излезен од студентските клупи, добива анонимно писмо, напишано со крв на парче картон: затвореник кој моли неговиот случај да се истражи. Збунет но со наплив на амбиција и правичност, обвинителот одлучува да го посети затворот ненајавено. По значителен отпор, добива пристап до затвореникот. За време на нивниот разговор, тој сфаќа дека НКВД е организација која ги уништува не само непријателите на државата, туку и нејзините пријатели - вклучувајќи ги дури и најжестоките поддржувачи на советската идеја.

Тој дознава дека писмото на Корнев е едно од стотиците пораки од затвореници до нивните семејства и до канцеларијата на јавниот обвинител кои никогаш не излегле од затворот, туку отишле директно во печката. Потресен, Корнев е убеден дека активностите на НКВД (Народен комесаријат за внатрешни работи) претставуваат заговор против советската власт. Импулсивно, тој одлучува да отпатува во Москва за да го посети главниот обвинител на СССР, покренувајќи моќен механизам.

Ова е содржината на „Двајца обвинители“ на режисерот Сергеј Лозница, базиран на мемоари на Георги Георгиевич Демидов (1908-1987). Како надарен студент по физика, Демидов уште во раните 1930-ти го привлекол вниманието на Лев Ландау, славниот физичар и добитник на Нобелова награда од 1962, кој го вклучил во својата лабораторија во Харков, на Украинскиот физичко-технички институт. Ова менторство ќе се покаже како клучно во следната деценија, односно до апсењата од 1938, кога во академските кругови кулминираат идеолошките притисоци од Сталиновите чистки. 

Демидов им „бодел очи“ на властите со тоа што не можел да се помири со вмешувањето на марксистичко-ленинистичката доктрина во научната работа. Во 1938, врз основа на измислени обвинувања за контрареволуционерна активност, и тој и менторот се уапсени. Ландау успева да се извлече со меѓународно посредништво. Но Демидов останува во затвор цели 14 години и тоа најголем дел во оддалечениот регион на Колима, локација на еден од најсуровите советски казнени системи. По ослободувањето почнал да пишува кратки раскази и романи кои ги комбинирале автобиографските искуство со фикција, откривајќи ги механизмите на теророт на НКВД и генерално на советското владеење до смртта на Сталин. Објавувањето на неговите собрани дела во шест тома во 2023 го актуелизираше неговото име, а истото го направи и овој филм.  

Лозница гради исклучително бавен и клаустрофобичен филмски ритам, со долги сцени снимени од статични позиции, со што создава чувство дека гледачот е заробен во бездушниот механизам на советската држава. Наместо отворено насилство, филмот ја прикажува тивката, бирократска суровост – систем што се одржува преку страв, одложувања, молк и чувство на вина. Главниот лик, младиот обвинител Корнев, е идеалистички млад правник кој добива необично рана промоција. Неговата младост и наивна верба во правдата ги нервираат постарите државни службеници, навикнати на молчење и послушност.

Откако тој ќе се сретне со затвореникот кој сведочи за злосторствата кои се случуваат во затворот, филмот сè повеќе добива кафкијанска атмосфера. По ходниците на институциите се моткаат чудни луѓе кои изгледаат неповрзано, но постепено станува јасно дека сите се дел од истиот затворен систем. На возот кон Москва среќава стар војник со дрвена нога, кој необично потсетува на затвореникот. Во владините ходници запознава човек кој тврди дека му бил колега од правниот факултет, иако Корнев не може да се сети на него. Највознемирувачка е средбата со уплашен човек кој стои неподвижно до ѕид, не можејќи да го најде излезот од големата државна зграда.

„Двајца обвинители“ не е само историски филм за сталинистичкиот терор, туку и мрачна алегорија за тоа како авторитарните системи постепено ја уништуваат индивидуалната волја. Наместо спектакуларно насилство, Лозница прикажува како тиранијата делува низ мали, секојдневни механизми: чекање, страв, тишина и неизвесност. Филмот остава чувство на задушеност и немоќ, но и силна опомена за тоа колку лесно системот може да го проголта и оној што искрено верува во правдата.

Илина, Букбокс

27 мај 2026 - 10:32