пишува: Владимир Љ. Ангелов
„Немаат кај да искачаат децава у Скопје...“
Во седумдесеттите и осумдесеттите (моите) во Скопје цутеше подрумската култура. Како и во секоја култура, и таа си имаше подвидови. Подрумите во Тафталиџе или Центар беа поразлични од оние во Карпош или Автокоманда (Аеродром тогаш не постоеше). Оние во куќите на добро снајдените беа како во становите кај нас од Карпош. Подоцна дел од овие подруми станаа клубови, а и многу клубови што подоцна се отворија беа подруми – „Пони клуб“, „Шенеда“, „Џаџо“, шминкерскиот „Моделс“... Лаика во 2000-тите беше врв на подрумската култура. И моментално работам у подрум. Судбински и неодоливо привлечен кон андерграундот. Нема бегање. Лете беше лесно: на ѕидче пред факултет, Анибонипирамида; парк и летните дискотеки (подоцна); „Ван Гог“; „Мондријан“, Турска Чаршија – како ли се викаше местото кај што пропеа Гишот?... Не е „Шар“. Иако ја и моите ги претпочитавме „Починка“ со Наде, Стојне, Тефо и Ангеле и подоцна ВС Романса со бате Наџак. Ама зимите у осумдесеттите беа јебени. У песни опеани. На Трајче Манев мислам, не на Патакот. Не можевме да дремеме нон-стоп у Починка со едно пиво за 10 души или у селфот у трговски. И тука помогна подрумчето.

Во мојата зграда на Руѓер Бошковиќ 17 имаше три „подрумчиња“ кај што се собираа „маалските“ во зимските денови. Првото беше на Шани(ка). Постар од мене и брат ми. Сериозен дечко со бенд и со инструменти у подрумот откај што повремено можеше да се чуе некое музицирање у хипи фазон. Живееше на последен кат и набргу подрумот го замени со заедничките простории што требаа да служат за перални и сушење алишта ама никој не ги користеше. Подоцна како и многумина скопски генијалци стана шизик во медицинска смисла на зборот. Го нема повеќе. Се отпиша. Он ја „отвори сезоната“ и го охрабри брат ми да реши да направи „клупче“ во нашиот подрум на РБ бр. 17 кај што живееја баба ми и дедо ми. Веќе живеевме во Козле, ама Карпош ни беше под ноктите, кал. Мислам дека не праша никого за тоа. И онака подрумот не се користеше зашто имавме гаража. Одвреме-навреме дедо ми идеше долу и се правеше ѓон, ама тоа го можеше и у гаражата. Море и пред гаражата. Зборувам за време кога сум имал 13-14 години - почетокот на осумдесеттите. Брат ми во подрумот постави стиропор за звучна изолација, имаше неколку столчиња, кауч или душек – не се сеќавам, и вреќи за спиење, повеќе пепељари – во тоа време сите пушеа уште од основно, стерео-радио-касетофон хитачи и едно старо буре. Бурето беше масичка, најчесто на неа имаше пијачки и карти и едно старо шише со свеќа надената на грлото што капеше и создаваше баш убави рељефи од восок. Чиста постмодерна. Во бурето се чуваа празните флаши. Така првпат пробав џин. Клот. Гол. Останат од првата смена. Ми се стори дека пијам течен сапун.

Со време се навикнав. И на џин и на сѐ друго. На ѕидовите имаше постери, не премногу. Најверојатно затоа што имавме култ кон Џубокс и секое кинење страници беше бласфемија. Колекцијата Џубокси, од број 50 до последниот, уште се во подрумот. Во класери се и на суво и белки се сочувани. На стиропорот имаше цртежи и потписи. Еден од цртежите, уште стои, мислам дека е на Путец помалиот. Под едно прасенце е потпишан Мики 83 – Милко Мичита, сега е во Лијепа Наша. Едно време се разминувавме со брат ми и неговите другари во подрумот, идевме на смени. Ама набргу брат ми ми го „препиша“ и останавме да го „владееме“ сами. Се играа карти, цигари и алкохол секако, се слушаше музика... Не се сеќавам, ама мислам дека не носевме гитари долу. Тапаните на Сале, органата на Трендо, моето старо искрино радио што Стив го преправи у појачало, гитарата јолана што ја купив од Данчо Габорот и после му ја поклонив на Љупа д’Џон кога пунеше 7-8-9 (?) години... ги однесовме у подрумот кај Вакле. Син ми помалиот се дружи со син му. Амбицијата кратко ни траеше. Повеќе сакавме да пиеме отколку да вежбаме. „Мал одмор“ беше премногу близу. И бевме труба. Вакле после отиде у Немачка па се вратил у Карпуш, заспал и отишол у вечните ловишта. Нејсе, подрумот на РБ 17 беше топол. Низ него поминува инсталацијата за парно и можеше и да се преспие ако не се плашеше од ноќни животни. Едно време, мислам дека веќе прекинавме да идеме долу, Цоле ми го бараше да преспие зашто беше избегал од дома. После памтам дека нешто се курчеше па претпоставувам дека не сум му го дал. Иначе подрумчето имаше и полица со книги. За поамбициозните.

Сега ретко идам долу, а живеам горе. Пред некој ден се симнав и најдов сараевско издание на Хамлет. Кога подобро ќе размислам можеби Коџакот тука се спремаше за првиот приемен на Драмски. „Никнало цвеќе шарено“ и некоја од Ганета од Петрета ли беше. Не ја сликнав Хамлет. Ама сликнав еден општ план и неколку детали. Од око подрумот е 2 на 4 метри. Може да се види како беше порано. Под прозорот лево има постер од Боб Дилан. Десно огромен постер со гола женска. Не се гледа. До него Џони Штулиќ над Д Џеј Гилс бенд. Стирпорот стана убава подлога за омот за албумот што не го снимивме. Како Бегарс банкет. На стиропорот уште се читаат имињата на другарите на брат ми: Стив и Данчо Габорот. Стив одамна се отпиша. И он кај Вакле. Нема пет дена кога ми пријде еден дечко и ми вика: „Не се сеќаваш на мене? На Стефан брат му.“ Не го препознав. И кој Стефан? Ама толку ми заличи на Стив што знаев дека е Тошо брат му. Габорот не сум го видел 15 години. Нѐ слушаше кога свиревме со Трендо кај мене дома. УПМ сакаше да ни биде менаџер и да заработи миљони на нас. Каков заеб. Тонч. Белки е жив. Подолу се напишани Томе и Руже. Брат ми и снаата. Харт кор од 15 г. до сега. Тука висат потписите и на моите другарчиња: Ѓ(Џ)уз, Пеѓ(џ)о, Ерка, Трендо, Дени, Сале, Веки, Пуно, Коџак, Бане, Мики, Атом и Сања и Елена. Зашто ги нема Перо и Пајо и Никче? Веско белки беше со Здравка. Или потписите избледеле. Сѐ напишано на латиница. Бог знае зашто? Ерка и Бане му ја летнаа горе. Поточно долу. Сеедно. Ја и Перо сега сами ги браниме боите на Мали Париз. Со некои се изгубивме во животот. Се поздравуваме од спотер.
На стиропорот има напишано уште нешто за што ми требаше малку време да го дешифрирам: големо АЗРА, а внатре КОТОР и Х. НОВИ. После на сликата видов дека има и два датума 15 јули 83 и 16 јули 83. На А-то од АЗРА е потпишан Пич, а на Р-то Сале. Да. Тогаш сме биле да ги гледаме АЗРА на јадранската турнеја. Прво јас, Пич, и Сале Свежиот во КОТОР, а после ја пом’кнавме целата сурија во Херцег Нови. Историски датуми. „Кој го ебе Тито, ние го видовме Џони“. Со оригиналната постава ли беше? Мислам дека беа без Хрњак. Џони веќе беше со долга коса. Со кратка го гледавме у Скопје со Пеѓ(џ)о и Ѓ(Џ)узот (?). Ја и Сале седевме до него на некои скали во Котор до Домот за култура, а Елена се качи на сцена и го пољуби во Херцег Нови. Немаме слики. Го имаме стиропорот.
„Не бе, ние имавме кај да искачаме“.
Третиот подрум беше на Боро Шпакла, кога во средина на деведесеттите се врати од легија на странци или од робија, ама тоа е посебно тажен сиквел.