Каде грешат новајлиите?

Уредничка во веб магазин која прима нови луѓе на работа. Откако имала шанса да прочита преку 500 апликации за работа заклучува: "Младиве не знаат да бараат работа. Не зборувам за банални грешки во чукање туку во базично незнаење да се претстават себе како идни и перспективни вработени." Има неколку корисни и, верувајте, многу точни совети.

ФОКУСИРАЈТЕ СЕ НА ВОВЕДНОТО ПИСМО

Неретко добивам и по 100 апликации за едно работно место и нормално е да барам причини добар дел од нив да не дојдат до фазата интервју. Воведното писмо е најдобрата прилика што ја имаш. Не сум примила ниеден човек чие претставување не ми се бендисало.

БИДЕТЕ КРАТКИ

Ниту имам волја ниту време да читам епски долги писма. На твоето писмо ќе му дадам 30-тина секунди. Ако мислиш дека си добар за новинарство, би требало да умееш да ми кажеш кој си и зошто треба да те вработам во помалку од 200 збора. Тоа што летоска си работел/а некаде, не треба да е нешто со пет булета.

ИЗБЕГНУВАЈТЕ ЧУДНИ ФРАЗИ И ПРЕТЕРАНА ФОРМАЛНОСТ

Поштедете ме од она "ја користам оваа прилика" и "го молам горенаведениот наслов". Почнете со нешто јако и просто. Да речеме: Баш ми е ќеиф што ви пишувам за да бидам ваш блогер.

ПРЕСКОКНЕТЕ ЈА СКРОМНОСТА

Неретко добивам писма во кои се вели "Сигурен сум дека добивате многу апликации за ова место, некои од нив и повеќе квалификувани од мене." Зошто така? Ако ти не веруваш дека си најдобриот кандидат за тоа место, зошто јас би верувала? Ова е шанса да се 'продадеш' најдобро што можеш. Нема потреба да ми внесуваш јанѕа дека има подобри од тебе.

ПОКАЖИ МИ ДЕКА МИ ГО ЧИТАШ САЈТОТ

Често пишуваат "Стално ве читам и супер сте". Не е тоа доволно. Што ти е супер, што најмногу читаш, кои статии, кои автори, што последно те цимнало? Ласкај ни детално.

ОБЈАСНИ МИ ЗОШТО Е ДОБРО ЗА МЕНЕ ДА ТЕ ВРАБОТАМ ТЕБЕ

Овде кандидатите најчесто грешат и тргнуваат обратно, од себе. "Сигурен сум дека работењето кај вас ќе ми помогне да напредувам во кариерата и професионално да се усовршувам". Знаеме ние тоа, ама фирмите не се инкубатори. Објасни ми како твоето вработување ќе реши некој МОЈ проблем.

НЕ МЕ ИНТЕРЕСИРА ШТО СИ ПРАВЕЛ ПРЕД ФАКУЛТЕТ

Немојте со она "Уште од мали нозе ме бивало за пишување/раскажување." Ве бивало- ве бивало.

повеќе

1 септември 2013 - 10:32