Знаете, некогаш си пишувам сам себеси. Убеден дека за инает на сите лоши навики сепак ќе доживеам длабока и мирна старост, честопати седнувам со ниет да му пишувам на оној остарениот Трендо. Да му се најдам кога на последните залчиња од меката попара ненадејно ќе му дојде желба да прочита нешто, да се ѕирне себеси во старите и мемлосани хартии со надеж дека оној помладиот ќе успее да изнуди барем малецка искра во неговите очи.
Има и друга причина за оваа преписка. Сеќавањата се страшно неотпорни на манипулации. Свесно или несвесно, сеедно, секој од нас е способен за ретуширање на своето минато. Цедалките некогаш сакаат да ги пропуштат само убавите и сочни делови од нашите спомени. Талогот го фрлаат без да забележиме или педерски го буткаат под тепих се додека еден ден не се сопнеме од купчето за никогаш повеќе да не станеме.
Резултатот од ваквиот римејк на сопственото минато можеме да го начекаме секаде: кога пред гранапче тажиме по Тито, Југославија, пасошот кој важеше секаде, Базока мастиките или млекото во шишиња со големо грло кои сабајле ни ги оставаа пред врата, кога се сеќаваме како брзо се дигаше Комодоре 64, кога го оплакуваме градот поради изгубениот шарм од пред земјотресот, кога консензуално констатираме дека никогаш нема да се роди играч како Блаж Слишковиќ или група како Клеш... Јебо матер, дури и Кљусев да ни го спомнат денес, ќе не здрма носталгија по тоа време додека си рекол 'торжествено'! Не го знам најдобро стариот Трендо, ама сигурен сум дека и тој некогаш ќе го залапа трикот и ќе промумла: Ех, како се живееше некогаш....
Е па, стари мој, не биди глуп! Животот 'овде и сега' е срање неописиво! Идиотите не знаат како да си ги пополнат дупките во своите животи освен со трачеви и политика, паланката се гуши во смрад и лицемерие, стоката пука наоколу додека цајканите ги казнуваат оние кои бегаат од престрелките без врзани појаси.... градот е мртов уздуж и попреку, кафаните затвораат рано а после треба да се допиваш во илегални кафани станови во кои келнерот на две минути ти доаѓа и ти вика да бидеш малку потивок за да не ја разбудиш бабата...
Близу некое село, во судир на Масерати и Тико загинале тројца луѓе. Ете така се живее 'овде и сега': мороните даваат тон пари за да можат со своето скапо Масерати да се џилитат на потегот од село Икс до село факинг Ипсилон!
Во такво благопријатно опкружување стари мој, започнува главната теревенка за оваа пролет. Четворица типови со своите штабови, певаљки, силеџии и лигуши штотуку започнаа да шпартаат по овоземната беда и - како во оној спот со Мајкл Џексон и Пол Макартни, памтиш? - наголемо да нудат претседателски иљачи, државнички басми и чудотворни фејслифтинзи.
Термините им се скусени па ќе мораат она што немаат да ни го понудат, да ни го понудат забрзано.
Кога ќе ја видиш државава и неговата улога во неа, треба да си тежок монтипајтоновец па да избереш слоган 'Бранко државник'. Мислам, дајте ве молам! Не џабе Србите викаат: 'чиме се паметан стиди будала се поноси'!
Вмровците пак, на својот пулен му избрале необична 'Е.Т.' стратегија. Како некое суштество да ни доаѓа од друга планета па ни се претставува: 'Јас сум Кедев'. Ај добро, ај сега 'Кедев гоу хоум'. Па уште, од плакатите, кандидатот за Е.Т на Р.М. ни пружа рака, демек да се поздравиме. Добро, може да е тој поштен дечко ама би требало да знае дека по 15 години транзиција, нормален човек попрво би и пружил рака на змија мамба отколку на наш политичар.
А сè можеше да биде поедноставно доколку наместо на одвоени кампањи, нашата четворка ја сместивме во 'реално шоу', онакво какво што деновиве оди на МТВ. Замислете ги цимерите Џелили, Острени, Кедев и Црвенковски, затворени во ист стан, под 24 часовен надзор на љубопитните камери. Еднаш дневно ќе ги посетуваше амбасадорот Батлер, како единствен релевентен претставник на 'стварноста'и ќе им кажуваше што можат да поправат кај себе: "Ти Бане, форсирај ја важноста на глобалната битка против тероризмот, Сашко треба да даде форца на улогата на хамбургерите на Мекдоналдс во превенцијата од инфаркти, Гзим нека извезе гоблен 'Коњи на нафтено поило' со ликот на Џорџ Буш а пошто е 'За јасни патеки', Зуди нека земе правосмукалка и нека ја пројде патеката од кујна до веце".
Каков хардкор би било едно такво шоу! Да, во нашата четворка ќе немаше женски но затоа таа ќе беше идеална и за оние кои се палат на меѓунационален секс (Сашко и Бранко наспроти Гзим и Зуди) и за оние кои се рајцаат на садо-мазо игри (власт-опозиција). Ех, па кога јунаците ќе се подопуштеа малку.... палиш телевизор и ги гледаш како почнале да играат мрсна фота: 'Бане да го баци Сашко у уста а Гзим да го баци Зуди, хихихи, онаму позади!' На последново, сите реагираат панично но сложно: Нееее, никако! Не отпозади! Батлер ќе љубомори! Ќе не кара што сме бацувале нечиј друг!
Палиш друг ден: Џелили се депилира во купатило, Гзим од досада копа ровови во спална, Кедев го тера Бранко да си играат доктори, овој прифаќа ама под услов после тоа да си играат премиери. На секои неколку часа, станот на нашите риалити кандидати страшно се затресува. Како некаков голем и тап предмет да удира во него. Да, тоа е брат Љубе кој не се откажува од идејата да упадне внатре. Некогаш пробува со лијани, некогаш се катапултира...секогаш безуспешно. Ќе тресне во блиндираните прозори, ќе зализга по фасадата, долу веднаш се исправа, го протресува шеширот од прашина и веднаш му доаѓа свежа идеја: Од топ, ќе се испукам од топ! За Македонија во Европа, за брат Љубе во стан!
Палиш трет ден: малите прават журка, некому му е роденден. Зуди игра танго со правосмукалката на Батлер, Острени се чувствува малку осамен па го убедува Зуди добороволно да ја предаде правосмукалката, Сашко стои пред огледало и упорно вежба: 'Јас сум Кедев, новото лице на Македонија' а Бане нервозно се вртка околу пиењето.
Четврти ден: не палиш. Доста беше. Го вртиш телефонот и викаш: Јас гласам на четворицата да им го продолжите престојот на неодредено време. Затвораш слушалка и забораваш на нив. Едно време ти се пријадува попара. Го дробиш лебот и со носталгија се присетуваш на неодоливите петит беуре. Ех, како се живееше некогаш... Ја сркаш попарата и одеднаш ти доаѓа да прочиташ нешто.
Трендо
мај, 2004