Приказната за „дивото дете од Аверон“

Eдно од најинтересните изданија во годината што изминува е всушност повторено издание на книга од 1980-та. Таа раскажува приказна за 9-годишно дете пронајдено во дивина, кое ќе стане центар на она што подоцна ќе биде наречено „забранет експеримент“ – обид преку него да се реши вечната дилема за односот меѓу природата и воспитувањето: дали човекот се раѓа со вродени способности или е празна табла врз која искуството го испишува карактерот и умот.

Во 1800 година, кога започнува приказната за Дивото дете од Аверон, Франција веќе ја има поминато најрадикалната фаза од Револуцијата. Кралот и кралицата се егзекутирани, републиката е воспоставена, а времето симболично „почнато одново“ со нов календар. Сепак, кај дел од луѓето сè уште тлее револуционерниот порив – желбата подобро да се разбере човекот и да се унапреди човештвото.

Токму во таков контекст, на 9 јануари 1800 година, во селото Сен-Сернен во јужна Франција се појавува диво дете, без име и без познато потекло. Дочекано е со огромна љубопитност и веднаш е вклучено во тогашната научна и филозофска потрага по одговори за човечката природа. Судбината прави тоа да дојде во контакт со Жан-Марк Гаспар Итар, лекар со исклучителен истражувачки дух. „Дивото дете од Аверон“ ќе стане центар на она што подоцна ќе биде наречено „забранет експеримент“ – обид преку него да се реши вечната дилема за односот меѓу природата и воспитувањето: дали човекот се раѓа со вродени способности или е празна табла врз која искуството го испишува карактерот и умот.

Детето било забележано и порано, во 1798 и 1799 година, во други села од регионот, а последен пат шест месеци пред да стигне во Сен-Сернен. Било фатено додека копало зеленчук во градина. Според првичните извештаи, било немо и на прв поглед изгледало како да е глуво, иако подоцна ќе се покаже дека добро слуша. Сепак, неговата неспособност да зборува и да разбира говор речиси и да не се подобрила со текот на времето, што го става во позиција слична на глувонемо лице.

Локалниот свештеник и природонаучник Пјер-Жозеф Бонатер направил најдетален опис на детето во неговите рани денови. Забележал дека не поднесувало облека, јадело само компири и било постојано насочено кон задоволување на основните потреби, како сè уште да живее во шумата. Се проценувало дека има околу 12 години и дека половина од животот го поминало диво. И покрај престојот во сиропиталиште, не покажало значаен напредок во социјализацијата или комуникацијата. Бонатер заклучил дека, надвор од задоволувањето на телесните потреби, детето покажувало однесување што личи повеќе на животинско отколку на човечко – и покрај тоа што било несомнено човек.

Случајот стигнал до директорoт на Националниот институт за глувонеми во Париз, кој го организирал трансферот на детето во престолнината. Таму, во август 1800 година, тоа било доверено на младиот хирург Итар, кој повеќе од пет години секојдневно работел со него. Детето добило име – Виктор – и било сметано за жива илустрација на човекот во „природна состојба“, како што го замислувале филозофите од тоа време. Се верувало дека, ако Виктор е навистина „празна табла“, тогаш преку образование тој може целосно да се обликува.

Итар бил уверен дека Виктор може да ги развие своите способности, особено говорот. Иако тој можел да испушта одредени звуци и понекогаш да имитира, никогаш не научил вистински да зборува, ниту да го разбира значењето на зборовите. Дури и кога поврзувал збор со предмет – како „млеко“ со вистинско млеко – тоа било повеќе механичка имитација отколку разбирање. Обидите со визуелни и јазични вежби доведувале до кратки периоди на напредок, по што следела стагнација.

Методите на Итар биле напорни и често фрустрирачки за детето. Виктор повеќе ја сакал грижата на домаќинката мадам Герен отколку строгата работа со докторот. Итар дури спроведувал и експерименти што денес би ги сметале за сурови, како казнување по правилно извршена задача или тестирање на стравот од височина. Кога на крајот се откажал од експериментот, Виктор останал да живее со мадам Герен, посмирен, но без да го потврди идеалот за бесконечна човечка усовршливост. Со тоа паднале во вода и теориите на филозофите од почетокот на 18 век, како Жан Жак Русо, кој во своето дело „Емил“ тврдел дека општеството го „корумпира“ вистинскиот човек и дека неговата природна состојба е онаа автентичната. Не, вели случајот на Виктор - без општество, човекот никогаш не може да се формира во вистинска смисла на зборот. 

Подоцнежните толкувачи се обидувале да утврдат дали Виктор имал она што денес го нарекуваме аутизам, интелектуална попреченост или друго нарушување, или пак бил напуштен токму поради такви причини. Јасно е дека преживеал години во дивина, што зборува за одредена практична интелигенција. Но, неговиот неуспех да напредува сериозно ја доведува во прашање идејата дека човекот може неограничено да се обликува со воспитување.

Критиките кон Итар често се насочени кон неговата изолација на Виктор од други деца и инсистирањето на говор, наместо користење знаковен јазик, иако детето спонтано развивало сопствен систем на гестови. Денес знаеме дека знаковниот јазик е полноправен јазик, но во тоа време бил потценуван. Сепак, треба да се внимава да не се суди престрого од денешна перспектива. Итар дејствувал во духот на своето време, воден од искрена желба да го разбере човекот.

27 декември 2025 - 09:30