Проблемот со радиоактивните ирваси

По нуклеарните тестирања за време на Студената војна, во арктичките региони се појавил сериозен и долгорочен проблем: радиоактивниот цезиум-137 се наталожил во ирвасите и карибуата, што поттикнало децении научни истражувања за нуклеарниот отпад и неговото влијание врз здравјето на луѓето.

По катастрофата во Чернобил во 1986 година, списанието Earth Island Journal објавило текст со провокативен наслов во кој се поставувало прашањето дали ирвасите станале „радиоактивни“. Авторот Гар Смит предупредувал дека цезиум-137 ги загадил животните, со што се доведени во опасност и здравјето и егзистенцијата на домородниот народ Сами, кој во голема мера зависи од нив. Иако властите се обидувале да ја намалат загриженоста, Смит останал скептичен.

Всушност, научниците знаеле за овој проблем уште од 1960-тите. Во Канада, откривањето радиоактивно загадени карибуа довело до голема истрага за јавното здравје. Научниците и политичарите се соочиле со последиците од свет што веќе бил „нуклеаризиран“. Имено, меѓу 1953 и 1958 година, САД, Велика Британија и Советскиот Сојуз извеле над 220 атмосферски нуклеарни тестови, што предизвикало страв од широка еколошка контаминација.

Карибуата веќе биле под лупа, бидејќи нивната бројност опаѓала без јасна причина, а домородните заедници во северна Канада традиционално се хранеле со нивното месо. Раните истражувања покажале дека овие животни биле изложени на поголеми дози радијација од другите тревопасни, дури и од оние што живееле поблиску до местата на тестирање. Во 1959 година, ботаничарот Евил Горем забележал високи нивоа радиоактивност во лишаите – клучната храна за карибуата.

Кога Советскиот Сојуз ги обновил нуклеарните тестови во Арктикот во 1961 година, радиоактивните честички постепено се таложеле врз лишаите. Животните што се хранеле со нив ја внесувале радијацијата во коските и месото, а така таа навлегувала и во човечката исхрана. Во 1962 година, биологот Вилијам Пруит предупредил дека целиот синџир на исхрана – од растенијата до луѓето – може да биде загаден.

До 1963 година, канадските власти, предводени од Бирото за радијациска заштита, започнале систематска програма: ја поделиле земјата на региони според воздушни набљудувања на стадата, собирале примероци од животните и ги анализирале навиките во исхраната на луѓето, како и нивната изложеност преку уринарни тестови. На хартија сè изгледало уредно, но на теренот работите биле далеку покомплицирани – многу области биле тешко достапни, а чувањето и транспортот на примероците претставувале голем предизвик.

Со текот на времето, истражувачите утврдиле дека изложеноста кај луѓето достигнала врв околу 1965 година, а потоа почнала да опаѓа. Сепак, дури и тогаш, концентрацијата на цезиум-137 во месото од карибу била повеќе од 580 пати поголема од онаа во живината во Отава. Клучното прашање било дали таа изложеност ги надминува „безбедните граници“. Според тогашните меѓународни стандарди, резултатите формално биле под максимално дозволената доза, иако тие стандарди биле поставени во раната нуклеарна ера. Оттаму, пристапот на канадската држава ја одразувал старата колонијална логика: преку управување со карибуата, властите индиректно настојувале да ги контролираат домородните народи на северот и нивниот однос со природната средина во која живеат.

извор

29 декември 2025 - 16:58