29 годишен дечко од гратчето Пеорија (Илиноис) лани отворил Твитер акаунт со намера да го ремети тамошниот градоначалник, портретирајќи го како журкаџија кој не избива од стрип клуб. Градоначалникот не ја прима шалата најдобро, потегнува врски и за кратко време полицијата упаѓа во станот на Џон Даниел, запленувајќи му Ајфон, Ајпад и два Икс-Бокса, а имале налог и да бараат дрога. Но, овој подоцна решава да тужи на федерален суд заради повредени граѓански слободи и права. Неделава градот соопшти дека вонсудски се договориле со Даниел да го прекинат спорот.
И да му платат 125.000 долари.
Спорниот акаунт @peoriamayor бил жив само 10 дена пред да биде суспендиран и нема направено повеќе од 50 следачи. Главно го пародирал пуританскиот имиџ на градоначалникот претставувајќи го како зависник од секс, алкохол и дроги.
Дел од договорот е и градот да ја извести полицијата дека пародичните твитер сметките не се криминални, (дури и кога се криминално незабавни). Градот го соопшти и следново:
Длабоко веруваме дека Градот на крајот ќе го добиеше овој спор, но реалноста е дека трошоците за судскиот процес ќе ги чинеа граѓаните неколку пати повеќе од сумата договорена за отштета.
Нормално, и една ваква бламажа политичари ќе успеат успеат да ја прикажат како потег "за доброто на граѓаните".
Сè на сè, тамошните власти за само 125.000 долари научија дека за лажните твитер профили, колку и да знаат да бидат дно, најдобрата казна е да се игнорираат.