Европејците ја плаќаат цената на верувањето во сопствените митови. Со Брегзит и дебати околу иднината на ЕУ на своите плеќи, тие се оптоварени со една приказна за своето создавање кое има малку допир со историските вистини.
Без разлика дали се пријатели или непријатели на ЕУ проектот, европејците веруваат во една лажна приказна за еволуирана, мудра нација. Според овој наратив, европските држави нации ја научиле лекцијата од Втората светска војна дека војната е лоша и затоа се врзале заедно во една мирољубива заедница за соработка. Непријателите на ЕУ, пак, оваа приказна ја користат како доказ дека државата-нација отсекогаш била таа која донесува одлуки: ако таа решила да влезе во ЕУ, може да реши и да излезе од таму.
Приказната за мудра нација е лажна. И после 1945 година, европските сили не научија дека војната не чини. Тие продолжија да ги водат колонијалните војни додека не ги изгубија или беа исцрпени од нив. Сетете се на Индокина, Индонезија, Алжир и Египет, Малезија, Кенија, Ангола, Гвинеја, Мозамбик и шпанска Сахара.
Не беше државата-нација таа која го покрена европскиот проект, тоа беа опаднатите империи, исцрпени од колонијалистичките напори.
Затоа, не е чудно што Германија го предводеше тој процес. Поразот на таа земја во Втората светска војна беше почеток на крајот на европскиот колонијализам. Бидејќи Хитлеровиот Рајх беше првата европска сила која недвосмислено изгуби една колонијална војна (Втората светска војна во суштина беше колонијална војна за територијата на Украина), пост-воена Германија беше главен агенс на европската интеграција.
Другите западни сили брзо се приклучија. Бидејќи одржувањето на нивните империи стана прескапо, решија да го создадат европскиот пазар и европскиот идентитет. Од 40-тите до 80-тите, Европа се повлече од колониите за да проба да се најде себе си.
А да се најдеш себе си, обично значи да заборавиш на сите други. Европа не беше исклучок од ова правило. Приказната за мудроста ги замени фактите за империите. Германците денес не ја паметат Втората светска војна како колонијална војна за Украина, а во цела централна и западна Европа, историјата на колонијални злосторства и повлекувања беше заменета со многу попријатните приказни за мировни договори.
ЕУ е меко спуштање после ерата на империите. Таа им дозволи на европјаните да ја мамат судбината. Размислете, општествата кои ја водеа војната и ги изгубија империите, денес имаат највисоки стандарди на живење. Колапс не империја обично значи крај на една цивилизација. Европа успеа да го постигне спротивното, да го исполира својот имиџ наспроти распадот на нејзините империи.
Веројатно најважно е што ЕУ создаде рамка во која европските држави можат да егзистираат. Случајот со Брегзит почива на премиса дека ако ги излупите слоевите на евро-интеграциите, ќе се вратите на некаква претходна состојба на држава нација која ќе биде „независна“. Не постои таква работа. Историскиот процес на губење на империјата коинцидира со историскиот процес на европска интеграција која ја создава Британија во денешна смисла. Идејата дека британска држава-нација може да биде создадена во 21-от век не е конзервативна туку е радикална. Британското општество се наоѓа пред чекор кој го води во непозната иднина.
Брегзитерите замислуваат дека Англија некако ќе ја оживее британската империја. Но ЕУ денес ги штити своите граѓани од империите на денешнината: Кина, Америка, Русија, Амазон, Фејсбук. Ако Брегзит стапи на сила, денешните Брегзитери утре ќе бидат агенти на странска империја. Некои тоа се и денес.
Историската функција на ЕУ е да ги собере фрагментите на пропаднатите европски империи. Да се заборави таа базична историска вистина, како што што тоа европејците, а посебно Британците, го прават, значи да се ризикува самиот начин на живот кој го земаат здраво за готово“, пишува за Политико, Тимоти Снајдер, професор по историја на Јејл.