Иран го прифаќа ризикот да војува

По кревкото примирје, војната на САД со Иран преминува во нова фаза, во која Техеран свесно и пресметано го прифаќа ризикот да биде цел на нови бомбардирања. Иранците имаат волја, а убедени се дека имаат и капацитети, во одмазднички напади да нанесат непропорционално поголема штета врз американските сојузници во регионот од онаа што самите ќе ја претрпат.

Обновената војна по кревкото примирје најверојатно ќе се одвива во кратки и интензивни епизоди, но има потенцијал да се прошири регионално, ако САД (и Израел) одлучат нагло да ја ескалираат, забележува Алистер Крук – влијателен британски и дипломат на ЕУ за Блискиот Исток, за кој подоцна беше обелоденето дека бил и офицер на разузнавачката служба МИ6.

Работејќи во британската амбасада во Тел Авив, Крук одржувал блиски контакти со израелските воени и разузнавачки служби и учествувал во дипломатски напори да се привлечат Хамас, Исламски џихад и други палестински групи во политичкиот процес.

Тој тврди дека Техеран има три големи причини да избере војна наместо мировни преговори. Како прво, никој нема и не може да му ја одземе на Иран доминантната улога врз Ормускиот проток. На секој обид за пресретнување или напад врз ирански бродови ќе има сè поостри одговори и непропорционално поголема штета.

Вториот принцип што влијае на политиката во Техеран е презирот кон континуираните закани од Трамп и претераните барања во предложените документи за постигнување траен договор, за кои смета дека не се одраз на реалните капацитети на САД, 

Гледано од нивна перспектива, има малку што Иран да разговара со Трамп, освен ако Вашингтон во меѓувреме не разбере дека е притиснат во аголот, вели Крук.

Третиот фактор што укажува на воена фаза од конфликтот е дека Иран цврсто стои на позицијата дека прекинот на огнот „или ќе важи за сите или нема да важи за никого“. Тоа се отсликува во иранските лансирања на проектили и дронови на секој израелски напад врз Бејрут.

Ако Израел ги оствареше заканите од пред една недела дека ќе го срамни со земја Дахија, јужното предградие на Бејрут, Иран ќе возвратеше со проектили кон Израел, тврди британскиот дипломат.

Тој е убеден дека Либан сигурно ќе остане ранлива точка и дека прашањето не е дали, туку кога ќе ја предизвика следната криза. Израел нема да дозволи половично решение во Либан. Дури и либералната опозиција бара уништување на Хезболах и го обвинува премиерот Бенјамин Нетанјаху дека претерано ги слуша барањата од Трамп за да ги запре операциите.

Значи, еве нè. Воените престрелки продолжуваат. Ситуацијата е запалива и во Ормускиот проток и во Либан. Иран знае дека воената ескалација во одреден момент ќе стане политичка неопходност за Трамп. А преговорите? Тие нема да водат никаде сè додека Израел и еврејските милијардери-донатори од САД го сметаат за „предавство“ секој исход што би го направил Иран посилен. Оваа фаза од иранскиот конфликт веројатно ќе заврши само кога Западот ќе падне од работ на економскиот амбис кон кој се приближува, тврди Крук.

11 јуни 2026 - 13:23