
Нацрт-извештајот за подобрување на здравјето на американските деца не ги содржи строгите ограничувања на користење на пестицидите и ултрапреработената храна, на кои инсистира министерот за здравство Роберт Кенеди Јуниор.
Мали се шансите извештајот да биде променет во конечната верзија. Усвојувањето би претставувало голема победа за земјоделците и редок пораз на иницијативата Да ја направиме Америка повторно здрава (МАХА) на Кенеди, кој е голем противник на користење хемиски адитиви во храната, особено за децата.
Министерството има ограничена улога во изработката на владините извештаи за здравјето на нацијата. Во извештајот објавен во мај детално беа опишани факторите за кои се смета дека го влошуваат здравјето на децата и беше најавено дека во нов извештај во рок од 100 дена ќе бидат препорачани конкретни политики за нивно елиминирање. Пестицидите и адитивите во храната во мај беа издвоени како загрозувачки фактори, врз основа на истражувања што ги поврзуваат со рак и нарушувања во развојот.
Во новиот извештај нема никакви барања за нивно елиминирање од земјоделството и од прехранбената индустрија. Во нацрт-документот се повикува на „попрецизни апликации“ на пестициди и на истражувачки програми што би „помогнале да се намалат количините на пестициди“.
Агенцијата за заштита на животната средина ќе работи на подигнување на јавната свест и поголема доверба во процедурите за проверка на пестицидите, за да се ограничи ризикот врз корисниците и пошироката јавност, пишува во документот.
Што се однесува до ултрапреработената храна, во новиот извештај се спомнува само еднаш - во препораката министерствата за здравство и за земјоделство, заедно со Администрацијата на храна и лекови, да работат на „заедничка дефиниција на владино ниво што е ултрапреработена храна“.
Нешто го труе американскиот народ. Знаеме дека главниот виновник е преминот кон интензивно хемиско преработување на храната, изјави Кенеди во јануари пред Конгресот, претставувајќи ја својата министерска платформа. Истражување покажува дека 62% од калориите што ги примаат децата низ САД се од ултрапреработена храна.
Земјоделските групи во текот на ова лето интензивно лобираа кај министерката за земјоделство Брук Ролинс против препораките за укинување на пестициди.
Нема шанси нашиот сегашен систем на земјоделство да преживее без тие алатки за заштита на посевите, изјави Ролинс.
Извештајот содржи и препораки за подлабоки истражувања за влијанието на електромангнетната радијација и на пластиката врз здравјето, за поголема грижа за оралното здравје на децата, за поттикнување на доење и физичка активност.
******
Види и: Кенеди ги брише вештачките бои од храната