
Министерот за здравство Роберт Ф Кенеди подготви план за забрана на вештачките бои со петролејска основа од храната и пијалаците во САД. Тој уште во март на состанок зад затворени врати им порачал на директори од големите прехранбени компании да ги укинат до крајот на неговиот мандат.
Вештачките бои најчесто се користат во производи наменети за деца за да им даде живописни нијанси на бонбони, газирани сокови и житарки за појадок. Американската администрација за храна и лекови има одобрено користење 36 адитиви за боја во храната и пијалаците, вклучувајќи и девет синтетички со петролејска основа. Другите се добиени од природни извори, пред се од зеленчук.
Меѓу синтетичките е и „црвена број 3“, одобрена од 1907 година за да им даде боја на вишна на храна и пијалоци. Оваа боја беше забранета во јануари поради загриженост дека го зголемува ризикот од рак. Прехранбените компании имаат рок до 2027 година да ја отстранат бојата од производите, а фармацевтските до 2028 година од козметиката.
Мерион Нестле, професорка по исхрана и јавно здравје на Универзитетот во Њујорк, вели дека овој проблем му е лесен на Кенеди за решавање.
Ова требаше да биде направено одамна. Со години ветуваат дека ќе ги отстранат. Од вештачките бои веќе се ослободија во Велика Британија, Австралија и Нов Зеланд, вели Нестле.
ФДА започна да ја истражува можната врска помеѓу боите и проблемите во однесувањето кај децата уште во седумдесеттите, кога алерголог и педијатар предупреди на штетни последици. Администрацијата сè уште ги следи истражувањата, но официјално не утврдила причинско-последична врска.
Врз основа на 27 истражувања кај деца, надлежна канцеларија во Калифорнија во 2021 година заклучи дека боите за храна го нарушуваат нормалниот развој кај барем некои деца. Калифорнија забрани користење шест бои, иако се легални, во храната во државните училишта, а Западна Вирџинија усвои закон со кој од 2028 година се забрануваат седум вештачки бои одобрени од ФДА. Се наложува користење природни алтернативи.
Џеролд Менди, професор по исхрана на Харвард објаснува дека проблемот со боите е и тоа што ја прават попривлечна ултра-преработената храна. Тоа резултира со дебелеење, а прекумерната тежина еден од основните ризици за рак.
Мора да ја регулираме употребата и на синтетичките и на природните бои, како и на адитивите за вкус, што им овозможува на прехранбените компании да трансформираат прашок и тиња во калорично густа, хипервкусна ултра-обработена „храна“ што нè разболува нас и нашите деца, вели Менди.