Кенеди бара повеќе месо и јогурт во исхраната

Американскиот министер за здравство најави нови упатства што ќе ги охрабрат Американците да внесуваат повеќе заситени масти, спротивно на досегашните препораки за исхрана. Тој тврди дека заситените масти со децении биле демонизирани од кампањите за промоција на маргарин, адитиви, растителни масти и шеќери. Препорачува здраво месо, јогурт и ферментирана храна.

Американската асоцијација за храна (АХА), за која министерот Кенеди тврди дека е под влијание од прехранбената индустрија, пред неколку месеци препорача заситените масти да бидат ограничени на 6% од дневните калории во диетата, затоа што го креваат „лошиот“ холестерол што го зголемува ризикот за болести на срцето.

Кенеди смета дека тоа е погрешен пристап и се залага за повеќе месо, јајца, млечни производи и риба во исхраната.

Новите упатства за исхрана ќе ја нагласат потребата од јадење заситени масти од млечни производи, од добро месо, од свежо месо и зеленчук... Тоа всушност е диета со месо. Главно месо и било што ферментирано. Значи, јогурт, без шеќери во него, изјави Кенеди. 

Тој истакна кога ќе бидат објавени новите препораки, тие ќе бидат основа за да бидат променети програмите за оброци во училиштата.

Кенеди лани оцени дека заситените масти од месото со децении биле демонизирани од платени кампањи за промоција на маргарин и разни растителни масти, адитиви и шеќери. Сегашната препорака за внесување заситени масти ја нарекува „лага што придонесе за епидемија на хронични болести“.

Во актуелната препораката за ограничување на заситените масти, АХА се повикува на студии што ги поврзуваат со лошиот холестерол. Но, понатамошни студии не откриле директна поврзаност на заситените масти со смрт од срцеви болести. Некои видови, како кокосовото масло, го зголемуваат „добриот“ холестерол.

Новата препорака е дел од кампањата на Кенеди „Да ја направиме Америка повторно здрава“, чија главна цел е исфрлање на ултрапреработената храна, која придонесе секое петто дете во САД да има претерана тежина. 

Ова е можност сите да се промениме, да бидеме одговорни кон нашите деца и да им дадеме шанса во животот, не само да го подобриме нивното физичко здравје, туку и менталното, изјави Кенеди.

29 октомври 2025 - 08:23