Бараат и од ВИ да цензурира руски извори

Најпопуларните јазични модели со вештачка интелигенција се обвинети дека се пристрасни и промовираат „санкционирана руска пропаганда“. Нивната вина, всушност, е тоа што на барањето информации за војната во Украина наведувале и податоци од државни руски извори и медиуми, и тоа по една на секои четири од западни извори за кои не се испитувало дали шират пропаганда.

Кога им се поставени прашања за војната во Украина, јазичните модели ЧетГПТ, Џемини, Дипсик и Грок ја промовираат руската државна пропаганда од субјекти што се под санкции на западните земји, вклучувајќи цитати од руски државни медиуми, страници поврзани со руското разузнавање или наративи што ја следат политиката на Кремљ.

Ова е заклучокот на истражувањето на Институтот за стратешки дијалог (ИСД), кофинансирано од Европскиот фонд за медиуми и информации (ЕМИФ). Во него не се проверува пристрасноста на западните медиуми и здраво за готово се сметало дека нивните цитати не може да претставуваат пропаганда, затоа што не се под санкции од западните влади.

Всушност, во само 18% од одговорите била пренесена содржина што се поврзува со руската држава. 

ИСД на четботовите им поставил 300 прашања на пет јазици за теми како: перцепција на НАТО, мировни преговори, регрутирање во Украина, украински бегалци и воени злосторства. Прашањата биле поделени во три категории – неутрални, пристрасни и злонамерни. Речиси една четвртина од злонамерните барања насочени кон предизвикување проруски ставови вклучуваа извори што му се припишуваат на Кремљ, во споредба со нешто над 10% за неутрални извори.

Ова укажува дека со јазичните модели може лесно да се манипулира за да се зајакнат проруските ставови, наместо да се промовираат проверени информации од легитимни извори, наведуваат авторите.

Во одговорите биле употребени информации од Спутник, РТ и уште неколку од 27-те руски медиуми на кои Европската Унија им воведе санкции поради „ширење дезинформации и искривување факти како дел од стратегијата за дестабилизирање на Европа и на други нации“.

На „пристрасните“ барања, ЧетГПТ најчесто пренесувал цитати од руски извори. Грок пренесувал извештаи од руски медиуми што не се поврзани со државата, додека ДипСик пренесувал владини информации. Џемини на Гугл бил најпретпазлив и најчесто прикажувал безбедносни предупредувања. 

Во целиот текст на истражувањето не е наведен ниту еден конкретен пример што се смета за „лажна информација“ и „пропаганда“.

ИСД е финансиран од Центарот за глобално ангажирање (GEC) на американскиот Стејт департмент и имаше улога во бришење на конзервативни содржини поради „ширење дезинформации“.

ИСД бара цензура на фактички информации користејќи пари од американските даночни обврзници и го обезбеди финансирањето по учеството на настан спонзориран од НАТО, Амбасадата на САД во Париз, Лабораторијата за дигитални форензички истражувања на Атлантскиот совет (DFRLab) и Агенцијата за кибернетска безбедност и инфраструктура (CISA), изјави новинарот Мајкл Шаленбергер во сведочење пред Конгресот на САД.

28 октомври 2025 - 14:53