- Истрели и рафали синоќа се слушале во две ромски населби во близина на словенечкиот град Ново Место, каде што во саботата група Роми му се заканувале на момче, а потоа го претепале и го убиле неговиот татко. По пријавите за пукања, полицијата целосно го блокирала селото Жабјак. Нема информации за повредени лица. Пукање имало и во ромската населбата Долењска во Шмихел.
- „За жал, ова е редовна практика во нашиот град. Се надевам дека полицијата ќе спречи употреба на оружје. Во последните денови неколку пати коментирав дека веќе имаме премногу оружје кое треба да се отстрани од дофат на деца и неурамнотежени луѓе“, изјави жупанот на Ново Место, Грегор Мацедони.
- Во вторникот десетина илјади луѓе пред општинската зграда протестираа против зголеменото насилство во Словенија. Маскирани демонстранти повикувале на линч на Роми и за протерување на мигрантите.
- Чувствувајќи одговорност за насилствата и убиството, оставки поднесоа министрите за внатрешни работи Боштјан Поклукар и за правосудство Андреја Катич.
- Премиерот Роберт Голоб најави нов пакет закони, кои на полицијата ќе ѝ ги зголемат овластувањата, построга политика за криминалците што повториле дела, зајакнување на социјалните служби и полесно запленување имот со непознато потекло.
- Британија и Франција постепено ќе го укинат договорот за размена на мигранти според принципот „еден внатре – еден надвор“, бидејќи биле депортирани премалку лица.
- Од склучувањето на договорот во август 2025 година па заклучно со 1 октомври годинава, во Франција биле вратени повеќе од 1.500 нелегални мигранти, а во спротивна насока биле префрлени нешто помалку од 1.500 легитимни баратели на азил во Британија.
- Проценетите трошоци за шемата изнесуваат 56.000 фунти по вратен мигрант, што достигнува вкупна сума од околу 84 милиони фунти.
- За споредба, во истиот период повеќе од 40.000 нелегални мигранти пристигнале во Обединетото Кралство со мали чамци.
- Лондон бил подготвен да го продолжи договорот, но Париз одбил, со образложение дека сака шема за враќање на ниво на целата Европска Унија.
- Изминатиот септември беше првиот по 32 години во кој немало ниту еден ураган во Атлантикот. Ова се случило само три пати досега – во 1994, во 1972 и во 1962 година.
- Просекот е 7 урагани во сезона, од кои 2 до 3 се во септември.
- Аномалијата се смета за последица на пацифичкиот климатски феномен Ел Нињо, за кој се предвидува дека годинава ќе биде најсилен досега.
- Оваа година може да биде првата без ниту еден ураган во Атлантикот откако во 1950 година почна да се води прецизна евиденција. Во просек во октомври се формира по еден ураган годишно, а повремено може да има и во ноември.
- Најмалку, само по два, имало во 1982 и 2013 година.