Израелска „лекција“:

За секоја жртва од 7 октомври мора да умрат по 50 Палестинци

Поранешниот шеф на израелското воено разузнавање го оправдува геноцидот што Израел го спроведува во Газа. „За секој Израелец што беше убиен при нападот на 7 октомври, мора да умрат по 50 Палестинци. Сега повеќе не е важно дали се возрасни или деца“, вели разрешениот генерал Ахарон Халива во снимки што протекоа до јавноста преку телевизијата Канал 12.

Халива објаснува дека масовното убиство на Палестинците не би претставувало одмазда, туку „нужна лекција“ за идните генерации.

Немаме избор во ова лудо соседство. Од време на време потребна им е Накба за да знаат која е цената, изјавил Халива, говорејќи за масовниот прогон на 700.000 Палестинци од нивната земја при формирањето на Израел во 1948 година.

Според податоци од локалното министерство за здравство, раководено од Хамас, израелските сили досега убиле речиси 62.000 Палестинци во Газа. Халива е еден од ретките израелски офицери што го прифаќа тој биланс како близок до реалноста. Во изјавата тој спомнал „50.000 мртви во Газа“, што укажува дека снимката била направена во март. Телевизијата Канал 12 не објаснува како ги добила снимките ниту појаснува со кого разговарал Халива. Весникот Харец ги опишува како „снимени монолози“.

Халива поднесе оставка од функцијата во април 2024 година, но пред јавноста остана влијателен како центристички критичар на десничарската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху и на најекстремните министри во неа – Безалел Смотрич и Итамар Бен Гвир. Во една од снимките тој раскажува дека човек од Директоратот за разузнавање му велел дека „сме имале среќа“ поради тоа што повеќето од масакрираните, убиените и киднапираните Израелци биле левичари поврзани со мировни движења. 

Тој објаснува дека планот за уништување на Хамас бил изработен уште во 2014 година, по тогашната многу пократка војна во Газа, но никој не ни помислувал да го спроведе.

Проблемот е многу длабок. Аргументот на Смотрич е дека Хамас е добар за Израел. Зошто? Затоа што ако целата палестинска арена е луда и дестабилизирана, не е возможно да се преговара. Кој ја направи одлуката да се прави разлика помеѓу Газа и Западниот Брег? Премиерот. Зошто тој би сакал Хамас, терористичка организација, да ја преземе контролата од Палестинската управа? Тој го сака Хамас, затоа што е многу полош, зашто Палестинската управа има меѓународен статус. Хамас е организација со која слободно можете да војувате, нема меѓународно оправдување, нема легитимитет, можете со меч да удрите по неa, вели Халива.

Тој тврди дека пропустите што воделе кон терористичкиот напад на Хамас се многу длабоки и се таложеле со години наназад. 

Треба да се демонтира целиот систем и повторно да се изгради. Еден од најголемите проблеми со разузнавачките агенции беше тоа што се чувствуваа семоќни. Не е само ароганција, подлабоко е. Кога ме прашаа на 50-годишнината од Јом-Кипурската војна дали може да ни се повтори, реков да. Знам што се случи во Перл Харбор, што се случи на 11 септември (2001 година во САД) и што се случи во 1973 година. Ви кажувам дека може да се случи повторно, вели Халива.

Тој ја прифаќа личната и одговорноста на военото разузнавање поради „преспивањето“ на масакрот на 7 октомври, но дел од вината префрла и врз тајната полиција Шин Бет. Од истрагата за пропустите заклучил дека никој не бил злонамерно одговорен.

Хамас ги активирал СИМ картичките во 21 часот во петокот. Првиот и последниот телефонски повик што го добив беше во 3.20 часот во саботата од мојата помошничка, некои три часа пред нападот. Не ми кажа ништо за активирањето на картичките. Го информирале Шин Бет. Агенцијата одговорила дека „ситуацијата е под контрола“. Каде беше, Шин Бет, со сите милијарди шекели што ги доби? Јас презедов одговорност. Се случи на мојата смена. За толку голема национална катастрофа има одговорност за сите, вели Халива.

18 август 2025 - 11:51