
Африканската унија ја поддржа кампањата со која се повикуваат владите и меѓународните тела да ја напуштат Меркаторовата карта од 16 век, која ја искривува вистинската големина на Африка и таа да се замени со мапа со поточни проекции.
Дизајнирана од картографот Герардус Меркатор за навигација, картата ги преувеличува регионите во близина на половите, како Северна Америка и Гренланд, додека ги намалува Африка и Јужна Америка.
„Можеби изгледа како само карта, но не е“, изјави за Ројтерс заменик-претседателката на Унијата, Селма Малика Хадади, велејќи дека Меркатор создал лажен впечаток дека Африка е „маргинална“, и покрај тоа што е втор најголем континент во светот по површина, со 54 нации и над милијарда луѓе.
Според една друга африканска организација, познатата мапа на светот и нејзиното универзално користење е најдолгата позната кампања за дезинформации. Тие сметаат дека со тоа мора да се престане бидејќи систематски се влијае врз идентитетот и гордоста на Африканците, и врз начинот на кој тие се перцепираат во остатокот од светот.