видео

Џек Керуак за потребата да се биде љубезен

Музика од Флојд и Кеш, точаци, мотори и патишта, придружени од мудри зборови на некој кој посакува до крајот на животот да прави палачинки крај печка на дрва. 

Во 1950-тите иконата на бит движењето Џек Керуак почнал да се интересира за будизмот, исто како и бројни негови колеги од областа на музиката, сликарството и филозофијата. Алан Ватс, кој се смета за еден од најзаслужните за толкување и популаризирање на зен на Запад, сметал дека Керуак пишува премногу субјективно и остро за тоа да има каква и врска со Зен-от.

Но вон книжевноста, во неговите приватни писма, ситуацијата е поинаква. Во јануари 1957 Керуак и испратил писмо на неговата прва жена Еди Керуак Паркер, речиси десет години откако тие се разделиле. Тоа е вклучено во The Portable Jack Kerouack, збирка на над 600 страници негова поезија, писма и есеи за будизмот. Во него зборува за илузијата на нашето раѓање и умирање, за тоа дека јаството е само идеја, но и за потребата во тој свет, колку и да е ефемерен и минлив, да се биде љубезен кон другите суштества.

„Светот којшто го гледаш
е само филм во твојот ум.
Карпите не го гледаат.
Благослови и седни.
Прости и заборави.
Практикувај љубезност цел ден, кон сите
и тогаш ќе сфатиш дека веќе си во рајот.
Тоа е приказната.
Тоа е пораката.
Никој не ја разбира,
никој не слуша,
сите трчаат наоколку како обезглавени кокошки.
Ќе се обидам да ги научам,
но сето тоа ќе биде залудно,
затоа ќе завршам во некоја колиба
како се молам и сум кул
и пејам покрај печката на дрва
правејќи палачинки."

И сето ова можеби би звучело како бла-бла, да не е ова филмче на Серџи Кастела и Хектор Ферено за Dosnoventa Bikes, заедница на изработувачи и љубители на велосипеди и мотори од Барселона. Со глас кој неверојатно потсетува на Џони Кеш, и со музика од Пинк Флојд и Кеш во позадината, текстов легнува ко стапало на педала. За љубителите на Керуак и на патишата, и за оние #наточак.

5 мај 2014 - 09:48