Платоновата Академија е основана околу 387 година пред нашата ера, во тогаш зелената област западно од Атина. Таму, заедно со своите ученици, меѓу кои биле најистакнатите умови на времето, ги развивал идеите за вистината, логиката и критичкото размислување. Школата опстојувала речиси илјада години и претставувала најзначајниот филозофски центар на античкиот свет.
Локацијата на древната Академија почнала систематски да се истражува дури во 20 век. Благодарение на археолошките ископувања биле откриени делови од античкиот пат кон Атина, гробници, значајни градби и други наоди што ја потврдиле точната местоположба на прочуената школа.
И покрај огромното значење, денешната слика на Академијата е разочарувачка. И ова не го вели некој странец-хејтер, туку самите Грци, во нова објава на оваа тема на порталот на Катимерини. Посетителите уште на влезот се соочуваат со графити, вклучително и на антички камени плочи. Низ просторот има импровизирани засолништа за мачки, направени од картон, како и конструкции што потсетуваат на кокошарници и гулабарници (фотографии на линкот).
Жителите од околината сведочат дека просторот со години бил користен за различни активности што немаат никаква врска со неговото историско значење – од собирања на сопственици на кучиња, до организирање скари и други несоодветни настани. Особено загрижува фактот што археолошкиот локалитет практично нема соодветно обезбедување. Иако формално постои чувар, посетителите ретко го забележуваат, а целиот простор останува ранлив на вандализам.
До локалитетот се наоѓа и дигиталниот музеј посветен на Платон. Наместо современ културен центар, посетителите затекнуваат објект со скршени прозорци, графити и видливи оштетувања. Поради безбедносни причини, делови од музејот остануваат затворени додека се чека санација. Дополнителен проблем е што музејот е сместен во контејнерска конструкција, која во летните месеци станува речиси неподнослива за престој поради високите температури.
Со години Академијата ја посетуваат професори, истражувачи и студенти по филозофија од Велика Британија, САД, Канада, Германија, Австралија и други земји. Многумина пристигнуваат со големи очекувања, сметајќи ја посетата за вистинско интелектуално поклонение. Ама...
Според сведоштвата, честопати остануваат збунети од состојбата во која се наоѓа местото. Многумина експерти сметаат дека Академијата треба да биде многу повеќе од археолошки локалитет. Таа би можела да стане жив центар за филозофски предавања, истражувања, меѓународни конференции и образовни програми, во соработка со универзитетите и научните институции во Атина.
Наместо тоа, посетителите денес тешко можат дури и да утврдат каде точно се наоѓала школата на Платон, бидејќи информативните табли се малубројни, а објаснувањата недоволни. Додека туристите и научниците од целиот свет продолжуваат да ја бараат Академијата, таа и понатаму чека да го добие вниманието што одамна го заслужува.