Жртви на преработеност имало и во 19 век - лекот бил „легитимно безделничење“

Денес зборуваме за „брнаут“, ментална и физичка исцрпеност предизвикана од постојан притисок, прекувремена работа и неможност да се исклучиме од обврските. Но иако поимот изгледа современ, луѓето се соочувале со слични проблеми и пред повеќе од еден век. Викторијанците како лек препорачувале нешто што и денес би звучело како добра идеја: неколку месеци, па дури и години, поминати на сонце покрај Медитеранот.

Во втората половина на 19 век, Британија живеела во време на брза индустријализација, развој на железницата и телеграфот и сè побрзо темпо на живот. Токму тогаш лекарите почнале да предупредуваат на опасностите од прекумерната работа и менталното исцрпување. Еден од нив бил докторот Чарлс Хенри Феликс Раут, кој во својата книга „За преработеноста и предвременото ментално пропаѓање“ опишувал како претераната посветеност на професионалните обврски може сериозно да го наруши здравјето.

За разлика од денешното сфаќање на „брнаут“, викторијанската преработеност најчесто се поврзувала со интелектуалната работа и со повисоките општествени слоеви – лекари, адвокати, професори и државни службеници. Физичкиот труд на работничката класа речиси и не бил земан предвид во овие расправи. Дури и кога преработеноста се сметала за опасна, во одредени кругови таа претставувала и знак на амбиција и општествен успех.

Раут наведува пример со познатиот лекар Голдинг Брд, кој го советувал секоја година да зема најмалку шест недели одмор. Во спротивно, предупредил, човек може да стане успешен професионалец, но и „старец на умирање“ уште во средни години. Само неколку недели подоцна, самиот Брд починал на 39-годишна возраст.

Во тоа време, најчестиот рецепт за преработеност не бил лек или терапија, туку патување. За луѓето кои можеле да си го дозволат тоа, лекарите препорачувале подолг престој во здравствени одморалишта, особено во јужна Европа. Најпозната дестинација станал францускиот град Ментон на Азурниот Брег.

Голема заслуга за неговата популарност имал шкотскиот издавач Вилијам Чемберс. По период на сериозно нарушено здравје, кое го припишувал на прекумерната работа, тој заминал во Ментон и бил воодушевен од благата клима, сините неба и мирниот ритам на живот. Во своите записи предупредувал дека премногу луѓе буквално се исцрпуваат во „трескавичната и речиси луда битка на животот“, посветувајќи се исклучиво на професијата.

Уште поголемо влијание имал докторот Џејмс Хенри Бенет, еден од водечките застапници на таканаречената медицинска климатологија. Според оваа теорија, голем број заболувања можеле да се ублажат или дури да се излекуваат со престој во соодветна клима. Бенет и самиот страдал од сериозни здравствени проблеми и верувал дека е на работ на смртта кога пристигнал во Ментон. На негово изненадување, состојбата значително му се подобрила. Подоцна секоја зима ја минувал таму и отворил медицинска практика, а малото рибарско место постепено прераснало во меѓународно здравствено одморалиште со бројна британска заедница.

Во ерата кога индустриските градови биле обвиени со чад и загадување, чистиот воздух и сончевата медитеранска клима се сметале за особено корисни за болестите на белите дробови. Но третманот не се состоел само од промена на воздухот. Наместо пациентите да лежат затворени во соби, Бенет ги охрабрувал да шетаат по ридовите, да престојуваат на сонце и да уживаат во природата. Тоа било речиси револуционерна идеја за времето.

Особено интересен е неговиот пристап кон преработеноста. Наместо кратки викенд-одмори или неколкудневни „велнес“ аранжмани, тој препорачувал луѓето да минат најмалку три последователни зими во Ментон. Целта била целосно да се напушти темпото на градскиот живот и да се прифати она што тој го нарекувал „легитимно безделничење“ – мирен, созерцателен живот исполнет со сонце, природа и одмор. Ментон го посетувале и бројни познати личности. Кралицата Викторија таму го носела својот син Леополд, а меѓу гостите биле и писатели и уметници како шкотскиот автор Роберт Луис Стивенсон, aвторот на „Островот со богатството“ и „Доктор Џекил и господин Хајд“.
 

10 јуни 2026 - 14:31