Мојот машки живот

Гости

Треба да се оди на гости и да се примаат гости. На тоа се држи ова малку од нашиот живот.

"Оној само еднаш ги нагостил пријателите, почувствувал што значи да бидеш Цезар"

Греaм Грин ја има ставено оваа реченица на Херман Мелвил како мото на неговиот прекрасен роман „Доктор Фишер од Женева" од 1980. Спомнатиот д-р Фишер е мизантроп и ѓубре, па по таа линија своите гости (кои впрочем тоа и го заслужуваат) соодветно ги понижува и малтретира, но тоа е една друга приказна, која инаку ја препорачувам.

Херман Мелвил е во право. Навистина е убаво и исполнува кога ќе нагостиш добри луѓе и убави жени (моето омилено друштво) во твојот скромен дом; убаво е и да се биде гостин на добрите луѓе и убавите жени, но ова првото е некако послатко, како да ви објаснам... Тоа што сум почувствувал „што значи да се биде Цезар" е помалку важно, а јас сум поедеднакво суетен како и секој друг. Не: тоа е нешто друго.

Еве зошто: како прво, ние (мојата најубава и најдобра половина и јас) на гости ги викаме само оние кои ги сакаме и ги цениме. Со самото тоа уживањето е гарантиранo и нема промашување, без оглед дали станува збор за наминување на пијачка, за вечера или за подолг престој. Тие добри луѓе и убави жени ние ги сакаме. Има такви за кои „на секој гостин три дена му се доста", тоа го знам и го разбирам; три денови знаат да бидат и премногу во некои случаи, но токму затоа гостите треба да бидат наши и омилени. Дури и кога некој невоспитан ќе ни донесе некој неканет, тоа не е проблем: на нашата храна, пијалок и учтивост не може да има замерки, молам.

Тоа оди вака: прво со денови ги разгледуваме менито и винската карта, сето тоа во кујната; па потоа (што е и најлесно) социометриската слика на гостите - кој со кого оди или не оди; доминантните личности треба да се држат понастрана од другите исти такви, инаку се расипува забавата од надвикување и умување. Кој што сака; дали има вегетаријанци или (далеку било!) од оние уште полошите, вегани, веројатно. Вегетаријанците не се проблем, ние и онака јадеме здрава храна, па ќе има нешто и без месо за нив. Па кој пие црно, а кој бело, а кој пиво, и кое точно од сето тоа. Па има ли мраз за Воин и Бранка (еве, ова ми се испушти, спонтано). Потоа правиме план по денови и активности; кога, на пример, да се стави бакаларот во маринада, кога го чистиме и кога го финализираме и на кои начини - обичен бел; на подобриот начин на тетин Марио на Тања од Трст; на мојот каталонски начин; како паштета (тоа ќе правиме овој Божик, иншала). Останатите јадења се поедноставни, освен што за татарски бифтек ми треба Дубравко кој ги знае сите 14 или повеќе состојки, па потоа заедно го месиме и додаваме уште малку од ова или она - или ова во недостаток на она.

Потоа Тања почнува да се нервира и почнува да го лицка нашиот скромен дом, како нашите гости кришум да ќе минуваат со малиот прст по полиците, за да најдат прашина, па после да нè оговараат по чаршија. Тоа можеби го правеле гостите на мојата и на мајка ѝ на Тања; нашите пријатели тоа не го прават, но залуден е тој аргумент. Потоа се мести масата, па се изнесуваат сервисите и есцајгот, се проверуваат чашите, дали се беспрекорни (се!), им се налева апетиритивче на гостите и се следи динамиката на и во шпоретот: добрата храна за гостите и за нас мора да биде топла, супата има да шепоти кога се изнесува.

Кога тие оргии, достојни на Петроние, ќе завршат, гостите почнуваат да нè фалат. Тоа е сосема непотребно, затоа што ние сосема добро знаеме дека она што сме го направиле било одлично. Затоа и се чувствуваме како Цезари. Потоа гостите почнуваат да се поздравуваат, а ние да ги испраќаме, и така до крај. Крајот е најинтересен, затоа што токму ни тргнала вистинската приказна, шала, шега и будалењето - а тие веќе сакаат дома! Кога и последните ќе успеат да побегнат, Тања и јас седнуваме, си го сипаме себеси последниот пијалок за тој ден (nightcap), се погледнуваме триумфално и наглас велиме: „А, ги нахранивме ли како што треба?" Масата е веќе средена, садовите утре ќе ги измиеме за миг, имаме ние пракса, сè е - не може да биде подобро, па кој не би се чувствувал како Цезар?

Гостите кои доаѓаат на подолго, со спиење, се поедноставни. Обично имаат некоја работа по градот, но тоа не значи дека нема да добијат сериозна вечера, иако се обидуваат да нè поштедат, не знам само зошто кога ние тоа го сакаме? Впрочем: и онака би готвеле за нас, па што? Тие гости го добиваат својот - нашиот, ако се двајца - кревет, своја соба, ако е еден, клуч од гајбата, па нека се мотаат до мила волја по саемот на книга или каде и да одат веќе. Нив некако најмногу ги сакам, затоа што сите се стари пријатели: раблеовскиот монах Марко Оршолиќ (кој станува како вампир и излегува тивко од куќата, па мораме да го предупредуваме да заклучува), Перо Јуришин, библиоман од Сплит и неговиот син, препаметниот мал Петар, Мирјана и Игор Гало од Пула, Боро Рашета и по некоја негова девојка, а најмногу ја сакам нашата пријателка Младена, убавица архитектка од Загреб, кога ќе ни дојде за Нова година па на 1. јануари во пижами јадеме руска (француска) салата, пиеме студено пиво и се заебаваме околу виенскиот концерт, аграмерскиот култен настан кој мене ми е смешен уште од детство: те види како се облекла, глупа коза, те види го него, како да не знаеме кој е и што сè украл итн.

Сакаме и да одиме на гости, не дека не. Притоа ни малку не ми пречи што некој друг се чувствува како Цезар: така треба и тоа го поддржувам. Фала им на сите добри луѓе и убави жени кои нè нагостиле како и ние нив, ако не и подобро.

Треба да се оди на гости и да се примаат гости. На тоа се држи ова малку од нашиот живот.

автор: Милош Васиќ

5 ноември 2012 - 20:30