Деновиве во Италија беа уапсени 11 лица за кои постои сомневање дека се блиску поврзани со италијанскиот бос Матео Денаро кој се наоѓа во бегство уште од 1993-та година.
Пред апсењето, овие луѓе со месеци биле снимани и било утврдено дека комуницираат главно со хартиени пораки оставани на една фарма а со СМС-и се известувале кога е стигнато ново хартивче со некоја клучна порака.
Притоа, исклучиво користелe овчарски жаргон: "На овцата ѝ треба стрижење", "Машинката треба да се наостри", "Стадото е спремно", "Ти спремив рикота, кога ќе дојдеш да ја земеш?" биле пораките кои очигледно немале агро-културна содржина ама луѓето сосема добро се разбирале за да ги тераат своите илегални бизниси.
За Денаро се смета дека директно ги раководи ограноците на уште двајца мафијашки босови кои одамна се во затвор. Своевремено има признато дека "би можел да наполни нови гробишта со неговите жртви".
Апсењата се одвивале во цела Сицилија а двајца од уапсените се постари од 70 години.