Највлијателните грчки медиуми на последната изборна кампања навиваа за претходната власт водејќи остра кампања против евентуалната победа на Сириза. "Зад ваквиот став стои чист економски интерес," објаснува за Дојче Веле еден грчки аналитичар потсетувајќи дека големите грчки бродкастери се задолжени и зависат од позајмици од банки а тие пак, се главно во сопственост на државата. Што значи дека во крајна линија од државата зависат позајмиците, а со претходната постава, на медиумите тоа им беше фино увежбано.
"Досега околу 80 проценти од печатот беше негативен за потезите на Сириза", вели Тасос Папас, угледен грчки новинар и автор на неколку политички книги. Тоа се прави главно со пренесување странски статии потценувачки насочени кон Сириза, неискуството на новата Влада или пак чудното однесување на Варуфакис. Истиот печат кој со месеци ја форсираше новата Влада да најде компромис со странските кредитори, одеднаш почнаа да ги критикува решенијата кои "ќе ја влошат состојбата на народот и дополнително ќе ја загушат економијата." Од друга страна, извесно време во Грција се зборува дека главниот човек на Ципрас за медиумите кој важи и за негов алтер-его, Никос Папас, е во длабоки преговори со надлежните тајкуни за да се смени ваквиот медиумски пејсаж.
Според Ѓорѓос Кистрос кој зад себе има 35 годишно репотерско и уредничко искуство, медиумите се фиксирани на домашната сцена и полни со ксенофобија преточена во наслови од типот "Меркел сака да нè задави", "Шобле е мизантроп", "Лагард испадна луд".
Ваквите медиумски извори не им помагаат на луѓето да се информираат и да изградат трезвен став околу должничката криза. Тие се дел од проблемот," смета Кустрос.
На системско ниво проблемите лежат во сопственичката структура на главните медиуми кои се поседувани од големи градежни и транспортни компании кои политичките случувања ги интерпретираат исклучиво според сопствените интереси. Дополнителен проблем е квалитетот на новинарите, многумина од нив приучени и без соодветно образование кои лесно се навлекуваат на ефикасноста на сензационализмот, стереотипите и популистичката реторика.
А контратежа на приватните медиуми не постои откако пред две години се затвори јавниот радиодифузен сервис кој беше прескап и навлезен во тешки долгови. Постоење на функционален и непристрасен јавен дифузер кој би бил плурален и чие известување би се базирало на факти би ги натерало приватните медиуми да поработат на својот квалитет и сериозноста на својата програма, сметаат познавачите во сторијата на Дојче Веле.