Едно писмо од Македонија до Папата кое остана неодговорено

Здраво Трендо,
Знам дека стари писма меѓу митрополити и папи ти се особена пасија, а и не знам кој друг би го објавил ова писмо вака пригодно, пред посетата на папата. Значи ете го:

Пред неполни сто и триесет години едно писмо испратено од Македонија до Папата можеше да го промени текот на историјата. Скопскиот митрополитот Теодосиј Гологанов  на 4ти декември 1891 година го испрати ова писмо:

Теодосиј, митрополит скопски, до папата Лав XIII,

До светиот отец, папата Лав XIII,

Јас, долу потпишаниот митрополит скопски, Теодосиј, по божја благодат на чело на скопската епархија, Ви го поднесувам ова барање од мое и од името на целото православно стадо на Македонија, со кое ве молиме ваша Светост да нè земете под закрила на Римокатоличката Црква, откако ќе се обнови древната Охридска Архиепископија, незаконски укината од султанот Мустафа III во 1767, и да нè ставите во канонско единство со Римокатоличката Црква.

Нашата желба извира од историското право на православниот Македонски народ да биде слободен од јурисдикцијата на туѓи цркви – бугарската Егзархија и константинополскиот Патријархат, и да биде обединет во своја сопствена Македонска Православна Црква, придобивајќи ги така сите белези на народ кој има право на независен духовен и културен живот и образование.

Ваша Светост, ве молам да ги имате предвид сите особености на православната вера, од која православните христијани никогаш нема да се откажат: а тоа се независноста во однос на вероисповедта, црковните богослужби и свештеничките одори.

Им се предавам на Вашите молитви и скромно се поклонувам пред Вас,

Ваш брат во Исуса Христа, кој се моли за Вас,

Теодосиј, митрополит скопски

извор

Според милет системот во Отоманската Империја, признаените цркви имале целосна духовна, културна и образовна власт врз населението кое го претставувале. Ако стигнеше писмото од папата и Македонската Православна Црква, како обновена Охридска Архиепископија, беше прифатена во заедница и ставена под заштита на Римокатоличката Црква, таа ќе можеше да организира образование на македонски јазик, сопствени духовни и културни органи на територијата на цела Македонија, кои ќе ги истиснеа бугарските и грчките пропаганди. Со тоа ќе се обесхрабреше и можеби спречеше избивањето на балканските војни и поделбата на Македонија, дваесет години после испраќањето на ова писмо.

Одговор од Папата не дојде. Бугарската Егзархија обезбеди помош од локалните турски власти, го уапсија Теодосиј Гологанов и го затворија во манастир близу Софија.

Поздрав,
Горан Стојанов

 

25 април 2019 - 15:13