Масовните протести во Белфаст поради нападот врз Стивен О'Гилви еруптирале кога групи маскирани лица ги игнорирале повиците за смиреност и почнале да напаѓаат домови на мигранти. Запалиле најмалку три куќи во северозападниот дел од градот. Семејствата, вклучувајќи и деца и бебе, избегале пред да се прошири огнот. Нема информации за повредени лица, но материјалната и политичката штета е огромна.
Демонстрантите палеле и канти за ѓубре, автомобили, еден автобус, а се обиделе да запалат и супермаркет.
Политичарите ги осудија напаѓачите како „бандити“ и ги повикаа граѓаните на смиреност.
Нема место маскираните бандити да излегуваат на улиците и да се закануваат, да заплашуваат и да предизвикуваат безобѕирна штета. Неискрено е да се тврди дека ова е за доброто на Северна Ирска, изјави министерката за правда Наоми Лонг.
Реакцијата на бруталниот напад од понеделникот се прошири низ цела Британија. Протести, но без насилства, имало во Лондон, во Глазгов и во други градови.
Напаѓачот од Белфаст, идентификуван како азилант од Судан на возраст од 30-ина години, денеска треба да се појави пред суд. Обвинет е за обид за убиство.
Во понеделникот вечер тој вооружен со долг кујнски нож без јасна причина на улица го нападнал О'Гилви, го бодел во грбот и лицето, а потоа се обидел да му ја отсече главата. Жена го снимила ѕверскиот чин со својот мобилен телефон. По десетина секунди притрчале тројца мажи и со стап и клоци го совладале напаѓачот пред да интервенира полицијата. О'Гилви сè уште е во критична состојба, со сериозни повреди од убоди во вратот, лицето и грбот.

Уште пред да се прошири снимката (крајно вознемирувачка, но прегледана милиони пати) и пред да избувнат демонстрациите, полицијата го класифицирала суровиот напад како „критичен инцидент“ поради тоа што бил извршен на годишнината од ланските немири против мигрантите во Северна Ирска, кои избувнаа откако двајца млади Роми беа обвинети за сексуален напад врз жена во Балимена.
Премиерот Кир Стармер вчера го опиша нападот како „ужасен“ и „одвратен“, и им се заблагодари на граѓаните што го совладале напаѓачот.
Опозицијата ја префрли одговорноста врз политиката на лабуристите во однос на мигрантите.
Многу луѓе ќе почнат повторно да се прашуваат дали е ова некој што не требало да биде во нашата земја? Дали имало пропусти околу нашите граници? изјави лидерката на конзервативците Кеми Баденох.
Вечерта по социјалните мрежи се проширија повици до мажите на возраст над 18 години да излезат на протести во темна облека и да бидат подготвени да се борат и да бидат уапсени“. Набрзо потоа Градскиот совет на Белфаст ги затвори сите служби ги засили полициските сили на терен и ги повика граѓаните да се воздржат од насилство.
Медиумите, во меѓувреме откриле дека напаѓачот бил државјанин на Судан, кој искористил дупка во системот за азил за да влезе во Британија преку „ирската рута“. Согласно договорот по Брегзит, Британија и Ирска овозможуваат слободно движење преку границата без рутински имиграциски проверки. Тој од Париз прво се префрлил во Даблин, а потоа во февруари 2023 година со автобус патувал до Белфаст, преку „меката“ граница. Побарал азил и му било дозволено да остане шест месеци.
Британците веќе беа разгневени и од убиството на тинејџерот Хенри Новак во Саутемптон на 2 јуни. Викрум Дигва, 23-годишен сик роден во Британија, со ритуален нож го прободел момчето и потоа самиот ја повикал полицијата, претставувајќи се како жртва на расистички напад. Следејќи ги идеолошките упатства против расизмот, полицајците го врзале крвавото момче и не му укажале итна помош иако тоа повикувало „Не можам да дишам!“. Новак почина во процесот на приведување.
******
Види и: Белиот Џорџ Флојд повторно ја вознемири Британија
Венс: Европа умира исто како Хенри Новак, напуштена и со врзани раце