Претставата, чија премиера се случи во Лондон во 2006, зборува за значењето на рокенролот за социјалистичкото движење во Чехословачка, помеѓу Прашката пролет од 1968 и „Кадифената револуција" од 1989. Главниот јунак - млад чешки студент кој слуша рокенрол - е згрозен од репресивниот режим во неговата татковина, но и од неговиот британски професор - марксист, кој некритички продолжува да верува во советскиот идеал.
Еден од ликовите, чешки писател по име Фердинанд е всушност Вацлав Хавел, кој самиот има напишано три драми во кои главниот лик се вика Фердинанд Ванек. Драмите за време на револуцијата биле дистрибуирани како самиздат и станале симбол на отпорот, исто како и рокенролот, особено музиката на Велвет Андеграунд. Неа во оригиналната претстава ја свирел андерграунд прашки бенд „Пластични луѓе на универзумот", формиран во 1967, откако неговите членови прв пат ја слушнале музиката на Лу Рид. Неа во Чешка всушност ја донел токму Вацлав Хавел, кој истата година бил во САД и успеал преку царина да пренесе еден од албумите (најверојатно White Light/White Heat), заедно со дебитантскиот на Френк Запа. Наскоро музиката почнала да се шири низ прашкото подземје, вклучувајќи ја и споменатата група, на чиј репертоар биле и песни на Кептн Бифхарт. Во 1976 нејзините членови биле уапсени заради нарушување на јавниот ред и мир, по што Хавел организирал кампања за нивно ослободување, а потоа и цело дисидентско движење, кое одиграло пресудна улога во понатамошните историски настани во земјата.
„Лу Рид беше херој, затоа што беше анти-херој. Тој беше обожуван од бендот бидејќи ги претставуваше аспирациите на дисидентската чешка младина. Се запознав со него во Прага. Велам се запознав иако бев премногу уплашен за да зборувам со него. Веројатно разменивме два збора. Бев воодушевен од неговата чудна комбинација на небричен, мрачен човек облечен во кожна јакна, и слаткоста на некои од неговите љубовни песни. Тој стана еден од уметниците кои секогаш беа со мене низ животот", изјавил сер Том, кој сега има 76 години. „Овој тип музичари го надминуваат нивното реално животно постоење - тие не се само икони, туку гуруа и свети луѓе. Тој имаше токму таква аура".
Стопард неодамна, по повод 40-годишнината од излегувањето на „Темната страна на месечината" на Пинк Флојд, го преточи албумот во радио-драма (за што пишувавме тука) и со тоа ја уште еднаш ја покажа неговата фасцинираност од поширокото културолошко влијание на музиката.
Трејлер за истата премиерата на истата претстава во Сан Франциско. Спојлер: има летачки банани.
* фото горе: Рид и Хавел во Прага во 2005