Човекот што го измисли Бамби

Иако денес „Бамби“ е позната како нежна приказна за едно срнче и неговите шумски пријатели, нејзиниот автор ја замислил како новела за возрасни. Во „омекната“ верзија стигнала до нас затоа што нејзиниот преведувач на англиски не го владеел доволно германскиот, па си ја менувал содржината. Откако била откупена од страна на Дизни, кој ја преработил во цртан филм, речиси и се загубила врската со нејзиниот оригинален автор. 

Феликс Салтен, со вистинско име Зигмунд Залцман, е роден во Будимпешта на 6 септември 1869 година во еврејско семејство. Кога имал само еден месец, семејството се преселило во Виена. Поради финансиски тешкотии, како тинејџер морал да го напушти училиштето и да почне да работи во осигурителна компанија, а во слободното време да пишува.

Во 1889 година неговата прва песна е објавена во книжевно списание под споменатиот псевдоним, кој ќе го користи до крајот на животот. Веќе во 1890 година излегла неговата прва новела, а до 1900 година и првата збирка раскази. Со текот на времето станал еден од најплодните автори и новинари во Австрија – пишувал романи, драми, есеи и филмски сценарија. До 1910 година важел за еден од најпознатите писатели и драматурзи во земјата.

Неговото најпознато дело, романот „Бамби: Животна приказна од шумата“ (Bambi: Eine Lebensgeschichte aus dem Walde), првпат бил објавен во 1923 година. Во него се следи животот на младо срнче кое расте во шумата и постепено ја спознава природата, опасностите и луѓето. Делото често се смета за прв еколошки роман, но некои го толкуваат и како алегорија за животот на Евреите во Европа, кои морале постојано да бидат претпазливи и да се кријат. Интересно е што, иако ловецот е негативен лик во книгата, самиот Салтен бил страствен ловец.

Романот најпрво се појавил во делови во весник во 1922 година, а авторот го замислил како приказна за возрасни, а не за деца. Во 1928 година излегла англиската преводна верзија од Витакер Чемберс, која, поради слабото познавање на германскиот, содржела доста погрешни преводи и „омекната“ смисла. Сепак, токму тој превод станал бестселер и ја направил приказната позната низ целиот свет.

Во 1933 година Салтен ги продал филмските права за само 1.000 долари, а подоцна тие завршиле кај компанијата Дизни. Во 1942 година излегол анимираниот филм, кој ја претворил сериозната и сурова приказна во топла семејна драма. До тоа време, меѓутоа, животот на Салтен драстично се сменил. Со порастот на нацизмот и анектирањето на Австрија во 1938 година, животот на Евреите станал тежок. Неговите книги биле забранети во Германија уште во 1936 година, но тој избегал дел од репресиите благодарение на својот меѓународен углед.

Во февруари 1939 година, Салтен со сопругата се преселил во Цирих, каде што веќе живееле неговите полнолетни деца. Добил виза, но под услов да не работи како новинар. Починал таму во октомври 1945 година и е погребан на еврејските гробишта во Цирих. Денес, единственото негово дело што сè уште се печати, во бројни изданија и преводи, иако малкумина ја знаат приказната за неговиот автор. 

извор

12 ноември 2025 - 17:36