И така си работел тој чесно неколку години и се правел глуп.
Дошле од Комунистичката партија и му предложиле и тој да стане член, демек селанец е, пролетер, вреден човек, токму таков каков што им треба. Но бидејќи рекол дека нема ни основно, го натерале да оди во вечерно школо, каде учеле и другите дрводелци и селани, затоа што еден член на партијата мора да биде барем писмен.
И така, влегува тој во одделението, сè парталковци и глупаци, никој не знае ништо, а некој полуписмен професор им држи настава по математика. Поминува време, а овој наш математичар се нервира затоа што е опкружен со дебили кои веќе неколку саати не можат да раберат дека 1+1 е 2. И кога по 100-ти пат се повторува истото, дека 1 и 1 се 2, станува нашиов „дрводелец" и вели дека ќе докаже дека 1+1 не е 2. Пишува на табла диференцијални равенки, теории на големи броеви, партикуларни решенија, ама кај една формула мозокот му блокира и застанува со пишувањето. Колку и да се труди не му текнува како беше понатаму.
Одеднаш, целиот клас почнува да шепоти: „Планкова константа, Планкова константа..."