Стара грчка вештина: мемоцид

Солун, градот кој се бори со своите потиснати сеќавања

Текстов се однесува на Евреите од Солун, кои на почетокот на 20-от век беа една од доминанатните заедници во градот. За неколку дена 50.000 Евреи биваат депортирани и убиени во наци логорите. Оние малкумина кои имаат среќа да се вратат, наидуваат на град кој е глув за она што им се случило. И така со децении. Ситуацијата сака да ја смени градоначалникот со потекло од Крушево.

Иако Солун некогаш важеше за „Ерусалим на Балканот“, неговите луѓе и институции многу малку (сакаат да) знаат за некогашниот еврејски шмек на градот, како впрочем и за сè друго што нема хеленистичко обележје. Во децениите после Втората светска војна, државата систематски се грижеше тие спомени да бледеат во сеќавањата.

Ваквата состојба сака да ја смени либералниот градоначалник на Солун, Јанис Бутарис, чија мајка е Влаинка од Крушево.

„Пред Бутарис, никој не знаеше за Евреите во Солун. Ова е грчки град но има среќа истовремено да е мултикултурен. Врз него влијаеле многу различни групи и ние треба да бидеме горди на тој факт, а не да го криеме“, вели една солунска Еврејка чиј татко бил меѓу десетиците илјади луѓе кои биле депортирани во нацистичките логори.

Иако постојат докази за еврејско присуство во Солун уште од 315 година п.н.е, пресвртна точка за градот е доаѓањето на 20.000 Евреи од Шпанија. Со текот на времето, еврејската заедница станува дел од сите социјални и економски аспекти на живеењето и го претвора Солун во жив комерцијален центар.

„Тие не беа само трговци и дуќанџии, рабини и учители, адвокати и новинари. Имаше и тутунски работници, пристанишни работници, луѓе кои продаваат алва по улиците или чистат чевли - тие формираа еден навистина широк социо-демографски профил“, вели Девин Наар, професор од Вашингтон кој ја изучува историјата на Сефардите.

За иронијата најмногу да боли, главен чувар на ваквиот мултикултурализам на Солун била Отоманската империја. Толерантноста почнува да се губи во 1912 година кога грчката армија го освојува градот. Тогаш започнува целиот процес на систематско наметнување на грчкиот идентитет и придружното православие кое - машала - трае и денес.  

Во исчезнувањето на Евреите во градот улога има и масивниот пожар од 1917 година кој оставил 70.000 лица беа своите домови но најголем удар доживуваат од нацистите. Околу 96% од еврејската популација на Солун - а станува збор за 50.000 луѓе -  биле збришани во холокаустот.

Оние ретки кои имале среќа да го преживеат логорот, кога се вратиле во Солун, наидуваат на град кој се прави глув за она што им се случило на нивните сограѓани, луѓето кои учествуваа во прогресот на градот.

„Соочувањето со холокаустот значеше дека и градот и државата треба да се соочат на еден директен начин со учеството и колаборацијата, не само на грчките православни христијани туку и на некои државни институции - како црквата, универзитетите, локалната власт - во холокаустот“, вели професор Наар.

Со децении градот останува нем за страдањата на своите граѓани. Првиот скромен исчекор се случи кога се подигна споменик во чест на жртвите на холокаустот.

Вториот е доаѓањето на Јанис Бутарис за градоначалник пред 7 години. Човекот - инаку невообичаена појава за грчката политичка сцена и по тоа што има тетоважи и пирс - стана симбол на прекинување со праксата на „мемоцид, убивање не само на генерации туку и на спомените за нив.“

„Уште кога станав градоначалник реков дека не може да ја градите својата иднина ако не го познавате своето минато“, има кажано 75 годишниот Бутарис и во многу наврати има повторено дека нема да се откаже од намерата да им ги отвори очите на сограѓаните за мултикултурниот профил на градот.

Во Солун денес живеат само околу 1.000 Евреи кои највеќе ја чувствуваат тензијата од растот на профашистичката Златна зора, во моментов трета по големина партија во грчкиот парламент. За време на заклетвата за вториот мандат во 2014, Бутарис на реверот носеше Давидова ѕвезда, како симбол на отпорот против подемот на ултранационалистите. 

Со негова поддршка се гради 6-катен музеј на холокаустот, а човекот ги промовира и акциите за посета на ученици на постојниот музеј, нешто што често наидува на отпор од нивните родители, оние кои мислат дека „децата ги учите на глупости, холокаустот се нема случено“.

Бутарис и сличните на него Грци имаат уште многу работа во оваа мисија. Спроред една анкета од 2014 година, Грција е нај антисемитската држава во Европа. Но, тамошните Евреи чувствуваат дека сепак нешто се менува и дека некои умови, посебно кај младите, се имаат подотворено кога се работи за сознанието за уогата на Евреите во историјата на градот.

Што не може да се каже за македонското прашање кое сè уште е длабоко под радарот на грчката свест. И ќе остане таму уште долго. Од различни причини, меѓу другото и затоа што (во случајов од дното на македонската каца) лесно ќе најдете мили шупци на кои лесно им се греат срцата. 

 

****

Види и:

Како Черчил ги издаде грчките партизани и Егејците

Грчките нео-нацисти се бетер од што ги мислите

Што пееше Гркот убиен од фашист?

5 септември 2017 - 18:10