Трамп бара воена интервенција против наркокартели во странство

Трамп наредил да биде активирана војската на територија на други суверени земји за да ги запре наркокартелите што товарат фентанил и други дроги во САД. Пентагон и Стејт департментот прават оперативни планови, а правниците бараат начин како без согласност од Конгресот да го претстават како „самоодбрана“ ликвидирање на шверцер на дрога во џунгла во Венецуела или Мексико.

Претседателот Доналд Трамп тајно потпишал директива до Пентагон да ги разгледа можностите за употреба на воени сили за интервенција во латиноамерикански земји против одредени наркокартели, издвоени како закана за националната безбедност на САД.

Извори на Њујорк тајмс во Пентагон изјавиле дека веќе се разгледуваат планови за таргетирање на криминалните групи, вклучувајќи и интервенции на странска територија и на море. 

Картелите се ужасни. Убиваат луѓе лево и десно. Заработија богатство продавајќи дрога и го уништуваат нашиот народ, порача Трамп. 

Канцеларијата за правни совети на Министерството за правда е задолжена да разгледа опции како да се овозможат воени интервенции на туѓа земја без специфично одобрение од Конгресот. По нападот врз САД на 11 септември 2001 година Конгресот одобри воени интервенции против Ал каеда, но дозволата не важи автоматски за сите групи прогласени за терористички. Трамп евентуално би можел да нареди воена акција против картели во странски земји ако се повика на овластувањата дека дејствува во „самоодбрана“ од национална закана за САД. Таквата дефиниција не би оправдала ликвидирање лидери на банди.

Според традиционалното толкување, тешко е да се претстави убиство на шверцер на дрога како „самоодбрана“. Војската би можела да спроведе операции за грабнување, задржувајќи го правото на употреба на смртоносна сила како самоодбрана само ако се соочи со отпор. Но, киднапирањата водат кон други правни лавиринти, поврзани со воени заробеници и трансфер до органите за правдата, објаснува Брајан Финјукан, поранешен правник во Стејт департментот.

Ова би било досега најагресивен чекор на Вашингтон во долгата војна против наркокартелите, која досега ја ја водеа со поддршка на сојузнички влади и со инцидентни операции на туѓа територија спроведувани од агенти на цивилни институции, како Одделението за борба против наркотици (ДЕА). 

Во 1989 година Џорџ Буш постариот испрати 20.000 трупи во Панама за да го приведат Мануел Нориега, обвинет во САД поради шверц на дрога. Вилијам Бар, кој тогаш беше правен советник на Буш, а подоцна и главен обвинител во првиот мандат на Трамп, објасни дека Буш имал право да нареди апсења на барани лица во странство, без согласност од други земји.

Трамп е фиксиран на идејата за интервенција уште од првиот мандат, кога наводно предложил ракетирање на позиции на наркобанди во Мексико. Во април годинава тој директно побарал од мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум да дозволи американски трупи да влезат во Мексико за да помогнат во борбата против картелите. Шајнбаум го одбила.

САД нема да влезат во Мексико со воени сили. Соработуваме, но вие на вашата територија и ние на нашата. Нема да има инвазија. Тоа е исклучено, изјави Шајнбаум.

Неколку неодамнешни потези на администрацијата на Трамп се толкуваат како подготовка за посериозна интервенција. Трупи од Националната гарда беа распоредени на јужната граница со објаснување дека ќе помогнат да го спречат шверцот на фентанил и други дроги во САД. Од пред неколку месеци зачестија летовите на дронови на ЦИА над Мексико, со цел да бидат лоцирани базите на наркокартелите. Во февруари Стејт департментот ги прогласи регионалните картели Мара Салватруха (МС-13) и Трен де Арагва од Венецуела за „терористички организации“, со што им даде статус на „закана за националната безбедност на САД повисока од класичниот организиран криминал“.

Во јули на списокот терористички групи беше додадена и венецуелската банда Картел де лос Солес, за која Вашингтон тврди дека е управувана директно од претседателот Николас Мадуро. Пред некој ден на 50 милиони долари беше зголемена наградата за информација што би помогнала да биде приведен Мадуро - актуелен шеф на држава.

Државниот секретар Марко Рубио објасни дека означувањето на картелите како терористички организации им овозможува на САД да користат „други елементи на американската моќ, разузнавачки агенции, Министерството за одбрана, што и да е, за да ги таргетира овие групи“.

9 август 2025 - 10:16