
Новиот генератор на слики и видеа Grok Imagine, кој од пред неколку дена е пуштен за претплатници, им овозможува на корисниците лесно да креираат содржини „што не се за пред јавност“ преку режимот „Spicy“. Но, Грок веднаш претерал со генерирање сексуално експлицитни видеа на ѕвезди дури и кога тоа не било побарано од него.
Вревата ја крена новинарката Џес Ведербед од The Verge, која го сподели видеото во кое Грок ја соблекол Тејлор Свифт до појас. Од алатката било побарано: „Тејлор Свифт ја слави Коачела со момчињата“, а таа генерирала видео како пејачката го кине фустанот и ги покажува градите.
Но, не е само Свифт таа што треба да биде загрижена за новата алатка за софткор порнографија генерирана од вештачка интелигенција на Маск.
Порталот Gizmodo побарал од „зачинетиот“ Грок да произведе дваесетина видеа од политичари и естрадни ѕвезди. Во некои случаи „скокотливите“ детали биле заматени, или враќал порака „модерирано“. Но, експериментот покажал дека Грок нема проблем со мека порнографија само кога се работи за жени.
Во комуникацијата со Грок, Gizmodo не побарал експлицитна голотија, но ја добил во генерираните производи, на секое активирање на режимот Spicy. Алтернативите се Custom, Fun и Normal. Алатката создала интимни слики од првата дама Меланија Трамп, од историски личности како Марта Вашингтон или Валери Соланас.
Речиси сите видеа ги прикажуваа жените како се соблекуваат голи до појас. Видеото на Соланас беше посебно, затоа што ја прикажуваше целосно гола, пишува Гизмодо.
При креирањето „зачинети“ видеа или фотографии од мажи - Марк Закерберг, Џеф Безос, Хоакин Феникс, Чарли Чаплин, Барак Обама, Бил Клинтон и Џорџ Вашингтон - најскандалозната интервенција на Грок била да покаже како тие ја соблекуваат кошулата. Дури и Илон Маск (види подолу).
Слично завршил и експериментот со генерирани виртуелни ликови на маж и жена. The Verge пробал да генерира видеа од деца во Spicy режим, но не било прикажано ништо несоодветно.
Повеќето мејнстрим генератори на видеа со вештачка интелигенција, како што се Sora на OpenAI и Veo на Google, имаат огради за заштита од создавање порнографски содржини или дипфејкови што може да се користат за уценувања и одмазда. Политика за прифатлива употреба на xAI, компанијата на Илон Маск што го произведува и го одржува Грок, забранува „прикажување на сличности на лица на порнографски начин“.
Тоа што оваа содржина е произведена без поттикнување ја покажува мизогинистичката пристрасност на голем дел од технологијата за вештачка интелигенција. Платформи како X направиле намерен избор да не го сторат тоа, изјави за ББЦ Клер МекГлин, професорка по право која помогнала во изготвувањето на закон за забрана на порнографски дипфејкови.