Шпанско гратче обвинето за исламофобија

Одлуката на властите во Хумиља, гратче со околу 27.000 жители, да забрани верски свечености во спортски објекти, ја разбранува и ја подели шпанската јавност. Причината нема врска со спортот: муслиманите традиционално ги славеле своите празници во спортски сали. Владата обвинува за исламофобија. Популистичката партија Вокс ја поздравува одбраната на традиционалните вредности. 

Општинските спортски објекти да може да се користат само за спортски активности или настани организирани од локалните власти. Под никакви околности овие центри не може да се користат за културни, социјални или религиозни активности што се туѓи на Градскиот совет, се наведува во одлуката на градските власти на Хумиља.

Левичарската влада на Шпанија ја оцени мерката како „срамна“. Министерката за миграција Елма Саиз ги повика локалните лидери да ја поништат одлуката и да им се извинат на жителите. Шефот на истакнато исламско здружение ја осуди мерката како „институционализирана исламофобија“.

Политиките како забраната во Хумила се на штета на граѓаните кои живеат со децении во нашите градови, во нашата земја, кои придонесуваат за Шпанија и се совршено интегрирани без никакви проблеми со коегзистенцијата, изјави министерката.

Но, одлуката не била донесена случајно. Во јули во јужниот регион Мурсија избувнаа судири помеѓу десничарските групи и локалните жители и мигрантите откако постар маж од градот Торе-Пачеко бил претепан од лица за кои се верува дека биле со мароканско потекло.

Градоначалничката на Хумиља, Севе Гонзалез, изјави за „Ел Паис“ дека мерката не издвојува ниту една група и дека локалните власти сакаат да промовираат културни кампањи што го бранат шпанскиот идентитет.

Мохамед Ел Гаидуни, секретар на Унијата на исламски заедници на Шпанија, тврди дека мерката е насочена против муслиманите, кои традиционално ги слават во спортски објекти своите празници Еид ал Фитр - крајот на исламскиот свет месец Рамазан, и Еид ал-Адха.

Забраната се судира со институциите на шпанската држава, кои ја штитат верската слобода, вели тој.

Регионалниот огранок на популустичката партија Вокс во Мурсија ја поздрави мерката.

Шпанија била е и секогаш ќе биде земја со христијански корени. Мора да ги заштитиме јавните простори од практики туѓи на нашата култура и нашиот начин на живот, напиша лидерот на партијата, Сантијаго Абаскал. „Шпанија не е Ал Андалузија“, додаде, користејќи го историското име за Шпанија кога била управувана од муслимански власти.

Исламската власт завршила во 1492 година кога последното арапско кралство во Шпанија паднало во рацете на католиците.

Минатата година Молфанконе, италијанско индустриско пристаниште со значителен број имигранти од Бангладеш, забрани молитви во културен центар. Ова поттикна протести на кои учествуваа околу 8.000 луѓе. Муслиманската заедница ги тужи градските власти пред регионален суд.

9 август 2025 - 13:40