Роуан Аткинсон за слободата на говорот

Роуан Аткинсон пред некоја година одржа еден бравурозен говор во одбрана на слободата на говорот. Отрезнувачки поенти за сите амбициозни полицајци на мислите, за сите самопрогласени арбитри на јавниот интерес, фашисти кои мислат дека се борат против фашизмот, пуритански лицемери, јазични пицајзли, суетни адвокатки и слични драматичари кои не само што ни го прават животот невесел, туку немаат појма во какво општество нè буткаат со нивното неуморно ужаснување од сенешто.

Очигледен проблем кај криминализирањето на навредата е што премногу работи можат да се интепретираат како навреда: критиката може некому да е навреда, исмевањето може да е навреда, сарказмот може да е навреда, несакана споредба може да е навреда, едноставното изразување на алтернативна гледна точка во однос на ортодоксното може да се протолкува како навреда. Затоа, една првично добронамерна и разумна намера да се зауздаат гадните елементи во општеството, создаде општество со исклучително авторитарна и контролирачка природа.

„Јас не сум нетолерантен,“ ќе речат многумина, и тоа луѓе кои зборуваат питомо, високо образувани, либерални во умовите. „Јас сум само нетолерантен за нетолерантноста.“ А другите се склони да климнат со глава и да промрморат “мудро, мудро“. Но, ако размислите за овој, демек недвосмилено исправен став повеќе од пет секунди, ќе сфатите дека единственото нешто што го заговара е замена на една нетолерантност со друга. Тоа мене не ми е никаков прогрес.

По мене, најдобриот начин за да се зголеми отпорноста на општеството кон навредливи содржини и говори е да се дозволат. Како со детските болести, подобро се справувате со оние патогени на кои сте биле изложени. Најсилното оружје против говорот на омразата не е репресија или замолчување, туку уште повеќе говор.

Тоа е суштината на овој мој говор: повеќе говор! Ако сакаме да изградиме силно општество, потребен ни е и силен дијалог а тој понекогаш вклучува право да се нападне или навреди. Слободата да бидеш ненавредлив воопшто не е слобода. Ова би било мал, но можеби критичен чекор во еден долгорочен проект да ја паузираме и полека да почнеме да ја враќаме назад културата на цензорството. 

 

10 октомври 2020 - 10:36