Научната фантастика е особено плодна почва за создавање нови зборови, бидејќи авторите измислуваат поими за да ги опишат своите замислени светови. Еве неколку познати зборови што првпат се појавиле во дела од овој жанр:
Робот и роботика
Најчесто се смета дека терминот „робот“ потекнува од чешкиот писател Карел Чапек и неговата драма Р.У.Р. (1920), скратено за Розумовите универзални роботи. Ова е до некаде точно, но Карел отпрвин сакал неговите суштества да се викаат „лабори“ (согласно латинското за работници). Неговиот брат, сликарот Јозеф Чапек, наместо тоа го предложил „робот“.
Тој доаѓа од „робота“ - принудна работа, каква што вршеле на пример селаните за своите феудални господари. Иако денес роботите ги замислуваме како машини, оние Чапековите биле живи суштества направени од органска материја. Дваесет години подоцна, Исак Асимов во својата приказна „Лажго!“ (Liar!, 1941) прв ја додал наставката –икс и го создал зборот „роботикс“.
Сајберпростор
Во 1980-тите, Вилијам Гибсон барал име за светот на своите приказни, еден вид поврзан дигитален универзум. Прво размислувал за „датаспејс“ и „инфоспејс“, но конечно го смислил зборот „сајберспејс“. Првпат се појавил во неговиот расказ „Горење на Хром“ (1982), а потоа и во романот „Неуромансер“ (1984), каде што Гибсон го опишува како „графичка претстава на податоци од сите компјутери во човечкиот систем... како светлини на град во ноќта“.
Астронаут
Создаден од грчките зборови астрон (ѕвезда) и наутес (морнар, морепловец). Прв го употребил Пирси Грег во романот „Низ зодијакот“ (Across the Zodiac, 1880), каде што бродот што патува до Марс се вика Астронаут. Подоцна, во 1925 година, францускиот писател Ж.Х.Росни постариот го вовел „астронаутика“ (astronautique) во своето дело „Морепловците на бесконечноста“ (Les navigateurs de l’infini).
Грок
Во романот „Туѓинец во туѓа земја“ (Stranger in a Strange Land, 1961) на Роберт А. Хајнлајн, главниот јунак израснат на Марс го користи зборот „грок“, што буквално значи „пијам“, но метафорично – „длабоко разбирам“. Toj подоцна станал популарен меѓу читателите и дури го добил своето место во технолошки контекст (денес и како име на вештачка интелигенција).
Тераформирање
Идејата за менување на условите на други планети за да станат погодни за живот на Земјаните првпат се појавува во научната фантастика. Зборот „тераформ-ирање“ го вовел Џек Вилијамсон во приказната „Орбита на судир“ (Collision Orbit, 1942), иако во неговата основа е „тера“, латинско за земја.
Вирус
Зборот „вирус“ постоел со значење „зараза“ уште во 14 век, но неговата компјутерска верзија потекнува од кратката приказна „Уплашениот човек“ (The Scarred Man, 1970) на Грегори Бенфорд, кој работел на проектот АРПАНЕТ. Тој предвидел програми што можат да се шират од компјутер на компјутер и ги нарекол „вирус“. Подоцна, во 1984 година, информатичарот Фред Коен го популаризирал зборот во научна смисла.
Метаверзум
Во 1992 година, американскиот писател Нил Стивенсон во својот роман „Снежен судир“ (Snow Crash) за првпат го вовел зборот метавселена (metaverse). Во приказната, сместена во дистописка иднина, ликовите користат виртуелни очила за да влезат во универзално достапен дигитален свет наречен „метавселена“. Иако и денес се користат вакви уреди – најчесто за видеоигри, обидите да се создаде вистинска, широка метавселена во реалниот живот засега не се многу успешни.
Стивенсон во едно интервју од 2022 година изјавил: „Мислам дека може да постои. Но дали треба да постои или дали ќе постои — тоа се сосема други прашања.“
Освен „метавселена“, истиот роман го популаризирал и зборот „аватар“, што означува графички симбол или лик што го претставува корисникот во дигитална средина. Иако терминот бил употребен неколку години порано (во 1986) во текст за онлајн игра, токму преку „Сноу креш“ станал широко познат.
Њуспик (новоговор)
Во романот 1984 (1949) на Џорџ Орвел, исто така дистописко дело, се појавуваат многу нови зборови и изрази. Освен „Големиот Брат“, најпознат е „newspeak“ (новоговор) – измислен, строго контролиран јазик создаден за да ги ограничи мислите на луѓето и да ја зајакне власта на режимот. Денес терминот „новоговор“ се користи за секој манипулативен или пропаганден јазик, особено оној што доаѓа од властите или медиумите.
Емпат
Зборот „емпат“, кој се користи за луѓе што силно ги чувствуваат емоциите на другите, не потекнува од психологија, туку од научна фантастика. Го вовел шкотскиот писател Џејмс Мардок Макгрегор во својата кратка приказна под истото име од 1956 година, каде што „емпатите“ имаат екстремна способност да ги почувствуваат и разберат туѓите чувства.
Атомска бомба
На крај, зборот „атомска бомба“ првпат го употребил Х. Г. Велс во романот „Ослободениот свет“ од 1914 година, децении пред нејзиното вистинско создавање. Тој ја опишал како оружје што непрекинато експлодира и може да се фрли од авиони.
Физичарот Лео Скилард, еден од научниците во Проектот Менхетен, ја прочитал книгата на Велс и подоцна признал дека токму таа го навела да размислува за нуклеарната реакција и за нејзините катастрофални последици. „Знаев што би значело тоа – затоа што го имав прочитано Х. Г. Велс – и не сакав овој патент да стане јавен“, напишал тој во своите мемоари.