Корените на погребниот накит се наоѓаат уште во античките цивилизации. Во Египет, накитот бил дел од погребните ритуали – амулети и украсни предмети требало да го заштитат починатиот во задгробниот живот. Римјанките кои жалеле носеле темна облека и прстени со имиња и кратки пораки за збогување. Во средниот век накитот бил подискретен и строго религиозен, но во ренесансата повторно станал побогат и посимболичен, со минијатури, камеи (скапоцени камења со изрезбарени фигури) и мотиви поврзани со верата и човечкиот живот.
Во 17 и 18 век, особено во Англија, ваквиот накит станал широко распространет. По смртта на кралицата Мери Втора, носењето накит во време на тага станало општо прифатена практика. Прстените и брошевите со црн емајл и со мото „memento mori“ потсетувале на краткотрајноста на животот. Во 18 век неокласицизмот донел порафинирани облици – урни како симбол на душата, минијатурни портрети на слонова коска или емајл, често опкружени со бисери кои ги претставувале солзите.
Златниот период на овој накит бил во викторијанската епоха. Кралицата Викторија, која по смртта на принцот Алберт носела црни алишта и накит за жалење до крајот на животот, силно влијаела врз модата и обичаите. Тогаш се создадени најсложените и најсимболични парчиња – со жални врби, гулаби, цветови незаборавка, но и со внимателно вплетена коса од починатите, поставена во прстени, брошеви и приврзоци.
Во 20-тиот век, особено по Првата светска војна, ваквите традиции почнале да исчезнуваат. Новото време барало поедноставни и помалку церемонијални начини на искажување тага. Сепак, интересот за антички накит за жалење денес повторно расте – колекционерите ги ценат неговата уметност, приказните што ги носи и погледот во минатите култури на тагување. Современи дизајнери, пак, создаваат нови интерпретации инспирирани од традиционалните мотиви.
Парче стар накит за жал може да биде мост меѓу минатото и сегашноста – интимен знак на љубов и спомен, но и сведоштво за начинот на кој луѓето низ историјата се обидувале да се справат со загуба.
Види претходно: Репортажа од Музејот на погребувањето во Виена