
Површина од 2.5 километри квадратни. Над 300.000 гробови. 4.000 погреби годишно. 15.000 дрвја (со табли за ендемските видови растенија и животни). Три капели. 80 километри асфалтен пат кој ги поврзува парцелите.
Ова е дел од статистиката на Централните гробишта на Виена, на југот од градот, до кадешто сепак лесно се стигнува со трамвајот број 71. Претходниот ден пукаше сонце, но можеби за да се вклопи во атмосферата на посетата на тамошниот Музеј на погребувањето, утрината залади и почна да врне. Сето ова во контраст со младешкиот џагор пред влезот - средношколци на посета на оваа институција која во онлајн туристичките водичи често се наоѓа на списокот „најнеобични музеи во светот“.
Изложени се повеќе од 250 артефакти, фотографии и видеа. Помеѓу нив две се хит помеѓу посетителите: специјален тенок нож со кој по претходна желба на умрениот се прободува срцето (нешто како глогот и вампирот), за тој да биде сигурен дека нема да се разбуди под земја (нешто што наводно може да се побара во тестамент и сега). И уште нешто во истиот стил. Механизам со ѕвонче кој се потегнува со нога, за „мртовецот“ да сигнализира дека сепак не е умрен. Видеата прикажуваат погреби на славни личности, како оној на царот Франц Јозеф од 1916, а аудио станица овозможува да се слушнат најпопуларните песни кои во моментов се пуштаат на погреби.
Во посебна витрина се прикажани и разнобојни дијаманти кои можат да се нарачаат доколку саканата личност се кремира. А посебен накит си имале и богатите жени во случај да останат (не дај? боже) вдовици. Целиот „стајлинг“ околу погребувањето бил многу детален, вклучително и униформите на гробарите и опремата на чистачите на гробиштата (точак, метла, сламена торба за собирање на коските и некој вид мотиче за полесно сечење на корењата за да се дојде до сандакот). Во деталите се оди дури до таму што имало и посебни режачи на свеќи, за тие секогаш да бидат на иста висина при свечените церемонии.
Секако, сета оваа џева е за оние кои во земниот живот имале повеќе пари и слава од останатите. Во близина на Музејот се гробовите на Бетовен (преселен тука од претходна локација во Виена), Шуберт, Штраус. Но за Моцарт има само споменик, бидејќи тој, нели, завршил во необележан колективен гроб за сиромаси. А такви гропчиња има и сега.
(натписот вели: Непознат уметник, 2010)
Најосвежувачки е гифт-шопот каде може да си купите маска за спиење со „Не сум мртов, само спијам“ или спортска торба со „Вежбам до смрт“. Да, и мед од пчелите на гробиштата.
Велат дека ако сакате да сфатите како се живеело и се живее во одредена култура треба да ги посетите гробиштата. Таму, парадоксално, иако смртта ги нивелира сите разлики, истите се и прилично очигледни. Можеме ли ние да имаме ваков музеј, кој го слави животот архивирајќи ја смртта?
Илина, Букбокс
Види претходно: Жената што одржува гробови во Бутел (и не се плаши од смртта)