„Текстплеј“ е нов проект на њујоршкиот центар за уметност Скирбол. Во оваа виртуелна продукција, низ размена на текстуални пораки помеѓу Том Стопард и Семјуел Бекет, се соочуваат минатото со современоста, ставовите за уметноста и животот на двајцата славни драматурзи, а истовремено се анализира и нашата модерна опседнатост со телефоните и состојбата на „Чекајќи го СМС-от“.
Писателите се прикажани како заглавени во некој друг универзум од каде очекуваат да се ослободат со типкање и филозофирање. Публиката на својот екран гледа како тие пишуваат, бришат, одново пишуваат или се самоцензурираат. Има многу книжевен хумор и референци кои можат да ги разберат само оние упатени во делата на спомнатите. Токму на тоа замеруваат и критичарите, кои велат дека голем дел од 35-минутната драма изгледа како авторот (потпишан под псевдонимот Арчер Еланд) да е студент по англиска книжевност кој знае да се служи со Википедија. Њујорк Тајмс пак искоментира дека имагинарниот електронски разговор помеѓу двајцата драматурзи е некаде „помеѓу ❤️ и 🤷“.
Самиот театар пак вели дека „Текстплеј“ е за тоа како сите се мачиме да воспоставиме вистински врски во дигиталните светови. Бидејќи публиката го следи само телефонот на Стопард, има и теорија дека тој е всушност авторот на текстот. А можеби пак е Бекет, толку егзистенцијален што изгледа како и да постои денес, авангарден дури и 32 години по смртта?
Aко ве заинтересира, билетот чини 20 долари а „претставата“ може да се следи на барање до 3 декември 2022 на линкот.