Не победи капитализмот туку кронизмот

Кронизмот е царување на оние фирми кои имаат дебели врски со политиката и без кои, во атмосфера на слободна пазарна конкуренција, брзо би рикнале. Се чини дека по добивањето на смртниот удар, поразениот комунизам успеа да го инфицира победникот со вирусот на „врските“ кои и ја уништија неговата кондиција.   

Кога Советскиот сојуз колабираше пред 26 години, консензуална беше оценката дека Западот ја доби Студената војна а капитализмот конечно и неповратно го победи комунизмот. Егзалтираноста од ваквиот епилог одеше дотаму што Фукујама прогласи крај на историјата (во хегелијанска смисла, како историја на идеи), односно дека на ниво на идеологии, нема што ново да се бара во светот.

Точно е дека тој дуел заврши така (едниот го нокаутираше другиот) но за сето време на војната постоеше и трет противник меѓу нив. Тој систем денеска се нарекува кронизам (а.к.а непотизам за пријатели) и зафаќа сè поголем дел од економијата. Анализа на дистрибуцијата на моќта и парите низ светот работите упатува на заклучок дека  не капитализмот туку кронизмот е тој што преовлада со светот.

Кронизмот е систем во кој просперираат оние индивидуалци и фирми кои имаат длабоки врски со политичкиот систем. Во класичниот капитализам, ваквите фирми би биле елиминирани од самиот пазар. Но, кронизмот им обезбедува опстанок и развој благодарејќи токму на нивната поврзаност со политичките елити.

Кронизмот прави штета и во демократијата на политичкиот систем и во компетитивноста на бизнисот.

Во првиот случај, демократските принципи за правична застапеност и рамноправен удел во политиката се загрозени од сè поголемото влијание на „добро поврзани“ индивидуалци и интереси кои тоа го обезбедуваат со великодушни политички донации или ветувања за добро платени работни места во приватниот сектор за политичарите откако тие ќе го завршат тоа што треба да се заврши. 

Во бизнис секторот кронизмот ја убива конкурентноста бидејќи на добро поврзаните фирми политиката им помага со регулации кои ним им одговараат или пак се работи за директна финансиска помош од државата.

Заради природата на врските, кронизмот не може да се мери директно туку преку разни индикатори: перцепцијата за корупција, индексите за владеењето на правото, видот на индустриите кои царуваат во одредени земји и сл.

Но, тој во никој случај не е обележје само на земјите во развој туку полека но сигурно загосподарува и со западниот свет, смета Сами Карам во Форин Аферс.

Сето ова понекогаш се чини како мала одмазда на поразениот (комунизмот) кој навистина умре но истовремено успеа да го зарази победникот (капитализмот) со вирусот на „врските“ заради кој и самиот пропадна.

 

22 јули 2017 - 16:35