Кога Русија ја почна инвазијата врз Украина пред речиси четири години, Володимир Кудрицки, тогашен раководител на украинската државна национална енергетска компанија „Укренерго“, се бореше да има струја. Некако му успеа и тој продолжи да го прави тоа секоја година, со што стекна огромна почит од колеги од енергетскиот сектор ширум светот. Украина избегна катастрофални прекини на електричната енергија - сè до лани, кога Кудрицки ненадејно беше принуден да поднесе оставка.
Кудрицки тогаш изјави дека е жртва на „немилосрдната централизација на власта“ што ја спроведуваат претседателот Володимир Зеленски и моќниот шеф на неговиот кабинет Андриј Јермак. Предупреди дека „корумпирани поединци“ ќе ја преземат државната компанија.

Токму неговото одбивање да молчи пред една недела го доведе Кудрицки до стаклената кабина во суд во Киев, пред кој е обвинет за проневера. Според опозицијата ова е уште еден пример за тоа како украинското раководство го користи правосудството како оружје за заплашување на противниците и замолчување на критичарите - ги обвинува за корупција или за соработка со Русија.
Пред суд со обвинение за корупција заврши и поранешниот претседател Петро Порошенко, што би можело да го спречи да се кандидира на идните избори. Противниците на Зеленски добиваат санкции - замрзнување на средствата и какви било финансиски трансакции, вклучително и користење кредитни картички.

Злоупотребите на законите заради дискредитација на противниците само ќе се влошат додека претседателската канцеларија се подготвува за можни избори следната година, во случај да има прекин на огнот. Судовите би можеле да го исчистат полето од конкуренти на Зеленски, забележува опозицискиот пратеник Микола Књажитски.
Дарија Калењук, истакнатата активистка и раководителка на Центарот за борба против корупцијата, тврди дека претседателот и неговата клика ја користат војната за монополизирање на власта до степен на загрозување на демократијата. На процесот против Кудрицки обвинителот попусто се обидувал да докаже дека обвинетиот како заменик-директор за инвестиции на „Укренерго“ пред седум години стекнал материјална корист од инфраструктурен проект, кој не бил ни завршен.
Постојат делови од Украина кои веројатно нема да имаат електрична енергија до пролет. Температурата во становите во Киев веќе е 10 степени и може да има продолжени прекини на електричната енергија. Луѓето веќе се лути поради ова, па затоа на кабинетот на претседателот му требаат жртвени јагниња за да им ја префрли одговорноста, изјави за Политико експерт за надворешна политика кој ја советувал украинската влада.