Алтман и сопругот сакаат бебиња со гени по нарачка

Технолошки милијардери влегуваат во (сè уште) нелегалниот бизнис за декодирање на гени на ембриони за да се раѓаат здрави, совршени бебиња. Децата, една од најсовршените творби на природата, ќе станат „производи од каталог“ со карактеристики по избор на родителите. Лесно ќе може да ги отфрлат ако не им се допаѓаат како бебиња или кога ќе почнат да стануваат свои.

Директорот на Опен АИ, Сем Алтман, и неговиот сопруг Оливер Малхерин поддржаа контроверзен стартап за генетски инженеринг заради елиминирање на наследни болести кај бебиња. Компанијата Preventive веќе привлече инвестиции од вкупно 30 милиони долари за својот проект „за спречување катастрофални генетски состојби“. Уредувањето на гените, ако се покаже успешно, го рекламираат како едно од најважните здравствени откритија на векот.

Регистрирана е како „корпорација од јавен интерес“ - непрофитен субјект законски посветен на јавно добро, а не само на максимизирање на вредноста на акционерите. Покрај Алтман и неговиот сопруг, меѓу инвеститорите е и Брајан Армстронг, главниот извршен директор на популарната платформа за криптовалути Coinbase.

Освен што е етички контроверзно, уредувањето на гените на сперматозоиди, јајце-клетки или ембриони со намера за создавање бебе е нелегално во САД, Британија и во многу земји. Не е докажано ни дека постапката е безбедна. 

За да експериментира со гените на неродените бебиња, Preventive преговара со Обединетите Арапски Емирати и со други земји. Веќе е избрана двојка со наследна генетска состојба, заинтересирана да учествува во експериментите и да го добие првото бебе од модификуван ембрион.

Повеќе од 300 милиони луѓе ширум светот живеат со генетски болести. Треба да се направат основни истражувања за да се утврди дали можат да се развијат безбедни и ефикасни терапии за елиминирање на овие болести пред раѓање. Многу е полесно да се корегира помал број клетки пред да се појави прогресија на болеста, како на пример кај ембрионот, вели Армстронг.

Технологијата за преуредување на гени crispr, за која во 2020 година беше доделена и Нобелова награда за медицина, напредува брзо. Во мај лекари во Америка објавија дека му прекодирале ДНК на бебе со исклучително ретко генетско нарушување опасно по живот. Лукас Харингтон, основачот на Preventive, докторирал во лабораторијата на нобеловката Џенифер Дудна. 

Но, ако нешто е овозможено од технологијата, не значи и дека треба да се прави. Некои компании објавија дека истражуваат технологија што би им овозможила на родителите да ја откријат веројатната интелигенција и физичките карактеристики, како висината, на своето дете. Докторката Марсел Седарс од клиниката за ин-витро оплодување на Универзитетот Калифорнија предупредува дека многу скоро богати родители ќе сакаат да ги форматираат своите деца веднаш по зачнувањето.

Ако веќе тоа им го нуди технологијата, многу двојки ќе бараат да имаат совршено дете. Не верувам дека тоа ќе може да им се прави на децата, вели Седарс.

Во 2019 година, кинескиот научник Хе Џианкуи беше казнет со три години затвор поради експериментирање со генетскиот код на ембриони, со цел да ги заштити од ХИВ. Тој тврдеше дека близнаците на кои им ги модификувал гените биле здрави додека биле бебиња, но нивниот идентитет и здравствената состојба при понатамошниот развој останаа тајна. 

17 ноември 2025 - 15:07