Иран прска облаци и се моли да заврне

Соочени со најкатастрофалната суша во изминатите пет децении, Иранците се обидуваат да обезбедат вода за Техеран, кој како знае и умее. Оние блиски до науката прскаат хемикалии во воздухот за да заврне. Верниците се молат по џамиите и тврдат дека сушата е божја казна за „развратот“. Претседателот бара евакуација на милиони луѓе од Техеран. Ама нема каде.

Иранските власти вчера почнаа операција за сеење облаци за да предизвикаат врнежи од дожд што би ги наполниле пресушените акумулации од кои милиони жители на Техеран добиваат вода.

Исламската република објави дека развила сопствена геоинженерска технологија за да предизвика дожд. Авиони распрснуваат во атмосферата хемиски соли, вклучувајќи честички на сребрен или калиумов јодид, за да ја привлечат водената пареа и да ја концентрираат во дождовни облаци. 

Лет за сеење облаци денеска беше спроведен во сливот на езерото Урмија за прв пат во сезоната на дожд што почна во септември, соопшти новинската агенција ИРНА.

Урмија, најголемото езеро во Иран, остана без вода поради најкатастрофалната суша во Иран во изминатите 50 години. Слични операции ќе бидат спроведени и околу акумулациите во провинциите Источен и Западен Азербејџан.

Поминаа повеќе од 50 дена од почетокот на дождовната сезона во Иран, а во повеќе од 20 провинции сè уште не паднала ни капка. Метеоролошката организација објави дека врнежите се за 89% под годишниот просек. Дури 32 акумулации од кои се доставува вода за пиење до жителите се на ниво под 5% од капацитетот. 

Во Техеран, оваа година наврна само 1 литар дожд на квадратен метар – што според метеоролозите се случува еднаш на еден век. Просечните врнежи во периодот од 1991 до 2000 година беа 350 литри. 
Охрабруваат првите врнежи од снег на планината Точал и на планинскиот венец Алброз, но и снежната покривка се намали за 98,6% низ целата земја во споредба со истиот период лани.

Градските власти во Техеран уште пред еден месец почнаа да воведуваат рестрикции во снабдувањето преку водоводот и го ограничија купувањето на флаширана вода, која постојано поскапува. Жителите на Техеран вообичаено користат по околу 3 милиони кубни метри вода на ден.

Верниците се убедени дека сушата е „божја казна“. Низ сите џамии се организирани молитви за дожд. Се спомнува примерот од 1944 година, кога по тридневна масовна молитва на полињата низ Ком конечно заврнал дожд. По џамиите се води дебата која е правилната форма на молитвата – фалење на Господ, молење или барање.

Понекогаш Бог нема милост поради развратот, пороците и гревот, проповеда ајатолахот Џавади Амоли.

Некои конзервативни пратеници ја префрлија одговорноста за сушата врз владата, поради неуспехот да ги спроведе рестриктивните мерки за носење хиџаб.

Зошто тогаш е толку зелена Европа, каде што жените не мора да ја кријат косата од ветерот, одговори претседателот Масуд Пезешкијан. 

Претседателот пред еден месец предупреди дека кризата е толку сериозна што можеби ќе биде потребно до средината на декември да се евакуираат жителите на Техеран кон југ. Властите тврдат дека тоа е неизводливо. 

Дали има некое село или камп што може да прими 15 милиони луѓе? Ако не заврне и таму до крајот на годинава, дали треба да се евакуира целата земја, прашува Мостафа Фадеи Фард, експерт за воени ресурси.

******
Види и: Техеран има вода за две недели
Иран си бара нов главен град

17 ноември 2025 - 07:03