
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан вчера изјави дека уште лани му ја претставил на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи иницијативата за преселба на главниот град. Предлогот бил отфрлен и бил предмет на многу критики. Така поминала и иницијативата на поранешниот претседател Хасан Рохани, кој своевремено изготвил и конкретен план. Пезешкијан тврди дека кризата со достапните ресурси во Техеран навлегува во критична фаза.
Минатата година врнежите биле 140 литри на квадратен метар, додека вообичаените се 260 литри. Тоа значи дека врнежите се намалиле за околу 50 до 60%. Неодамнешни проценки покажуваат дека врнежите во 2025 година нема да надминат 100 литри.
Претседателот вели дека во исто време се зголемуваат трошоците за транспорт на вода до главниот град од други области.
Намалувањето на водата во акумулациите на браните, сушењето на некои бунари и високите трошоци за транспорт на вода укажува на потребата од промена во пристапот. Ако сакаме да транспортираме вода од други покраини до Техеран, цената по кубен метар ќе биде до 4 евра, предупреди претседателот.
Браните околу Техеран вообичаено обезбедуваат 70% од водата што му е потребна на главниот град. Преостанатите 30% се добиваат со црпење од од подземни води. Намалувањето на врнежите и зголеменото испарување го намалија процентот што се зема од акумулациите, што го зголеми притисокот за црпење на подземните води.
Во некои области земјиштето се спушта и до 30 сантиметри годишно. Ова е катастрофа и покажува дека се празни водата под нашите нозе, изјави претседателот.
Ново истражување врз основа на сателитски снимки покажува дека во централните делови на Иран огромна површина од 31.400 квадратни километри, поголема од Македонија, тоне со брзина поголема од 1 сантиметар годишно. Во екстремните региони, како близу Рафсанџан, нивото пропаѓа за 34 сантиметри годишно.
Стапката на тонење во Иран е меѓу највисоките во светот. Откривме дека повеќе од 100 реони тонат побрзо од 1 сантиметар годишно. За споредба, во Европа за екстремен случај се смета пропаѓањето од 5 до 8 милиметри годишно, изјави Џесика Пејн од Универзитетот во Лидс. Истражувањето покажало дека главната причина за тонењето е засиленото користење на подземните води.
Како поволна локација за нов главен град, Пезешкијан ја промовираше покраината Хормозган, спроти Дубаи.
Техеран, Карај и Казвин во моментов се соочуваат со криза со вода, која не може лесно да се реши. Треба да го пренасочиме развојот кон брегот на Персискиот Залив, што обезбедува директен пристап до отворени води и развој на трговски и економски односи. Можеме да создадеме многу просперитетен и напреден регион. Треба да се прифати моменталната ситуација и да се направи научна, точна и автохтона мапа за иднината, рече тој токму при посетата на Хормозган.