Техеран има вода за две недели

Во акумулацијата од која Техеран црпи вода за пиење останало доволно вода за само уште две недели. Веќе е прекинато водоснабдувањето во неколку населби. Мегалополисот со десет милиони жители е погоден од историска суша, но кризата е предизвикана и од лошото управување со капацитетите и прекумерната експлоатација на подземните ресурси на вода.

Акумулацијата Амир Кабир, една од петте што обезбедуваат вода за пиење за Техеран, содржи само 14 милиони кубни метри вода, што е 8% од нејзиниот капацитет. 

Ова ниво е доволно за само две недели снабдување со вода за градот, предупреди директорот на водостопанството на Техеран, Бехзад Парса.

Пред една година, браната Амир Кабир задржа 86 милиони кубни метри вода, но имаше стопроцентен пад на врнежите, вели Парса. Тој не објави детали за состојбата за другите акумулации. 

Главниот град на Иран цела година страда од катастрофална суша, каква што не била забележана во изминатите сто години. Метеоролозите објавија стопроцентен пад на врнежите во регионот. Последниот дожд во Техеран бил при едночасовна бура на 10 јуни, а последниот врнежлив ден бил на 3 мај.

Мегалополисот со повеќе од 10 милиони жители е сместен покрај јужните падини на планината Алборз висока 5.600 метри, чии реки полнат повеќе акумулации. Планинскиот врв повеќе не е покриен со снег.

Жителите на Техеран трошат по околу 3 милиони кубни метри вода секој ден. Кога нивото на браните се спушти на едноцифрен процент, било прекинато снабдувањето со вода во неколку населби. И за време на летото имаше чести прекини на вода. Во јули и во август наменски беа прогласени два неработни државни празници за да се заштеди вода и струја. Температурите тогаш надминаа 40 Целзиусови степени, а во некои области достигнаа и 50 степени.

Сушата предизвика криза со вода и во јужните провинции. И соседен Ирак поминува низ својата најсушна година по 1993. Нивото на реките Тигар и Еуфрат, кои се влеваат во Персискиот залив, е паднато на 27% од нормалното поради слабите врнежи и прекумерното користење на водата. Ова предизвика сериозна хуманитарна криза на југот на земјата.

******
Види и: Иран си бара нов главен град

4 ноември 2025 - 14:10