Балканци - исти луѓе со слични различности

Балканот е место каде што гледаме во исто а ни се гледа различно. Каде што кога е тешко, луѓето не не знаат дали попрво да му се помолат на Бога или да го опцујат. А на Балканот секогаш е тешко. Затоа таму прво се научуваат молитвите и пцостите. Прчвара во која на секој ќош се дига чашка ракија за здравје, а никогаш повеќе не се умирало од рак.

Балканот е чудно место. Тоа е едно ќоше од светот кој некако успева секогаш да биде во центарот на вниманието. Тоа е еден полуостров во југоисточна Европа кое е толку мало што можеш да го замочаш, а ако сепак се упатиш преку неговите разлокани џадиња би ти требале пет дена јавање. Можеби токму тие контрасти на мали оддалечености кои одземаат многу време ги обликувале и контрастните карактери на луѓето кои живеат на овој простор.

Не познавам друго место на земјинава топка каде што има толку неснајдени а способни, напатени а добронамерни, стари а младолики, сиромашни а дарежливи, тажни а насмеани.

Веројатно кога маката те воспитува пораснуваш во она што сакаш да бидеш иако реалноста вели дека тоа не е можно, а не во она што можеш да бидеш иако тоа реално никогаш не си го посакувал. Балканот е место во кое природата сè уште е недопрена ама водата се купува, каде нивите се плодни ама храната се увезува, каде што воздухот е чист ама тешко се дише.

Како тука небото да е поблиску до човекот па се чини дека го притиска на градите посилно од кое било друго место на светот. Балкнот е една наопачка стварност во која се ѓубрат реките наместо нивните, каде  споминиците се рушат за да се изградат шопинг молови, каде што дното е на врвот. Балканот е простор во кој не е пожелно да се издвојуваш, а сепак, има посебни.

Каде што многу работи не се можат па сепак, постојат начини. Каде што сешто е забрането а сепак постои. Простор на кој се родија многу големи луѓе важни за овој свет а на кој денес живеат некои мали луѓе кои меѓусебе се караат чии се мртвите. 

Балканот е едно место каде што религиите се допираат а верниците си вртат грб едни на други. Темен вилает во кој корените ги спојуваат луѓето а боговите ги раздвојуваат. Каде што сите меѓусебе се разбираме, ама, не се сфаќаме.

Каде што зборуваме со јазик кој сите го разбираат но го запишуваме со различни писма кои не знаат сите да ги читаат. Каде што гледаме во исто а ни се гледа различно. Каде што кога е тешко, луѓето не не знаат дали попрво да му се помолат на Бога или да го опцујат. А на Балканот секогаш е тешко. Затоа таму прво се научуваат молитвите и пцостите. Балканот е прчвара во која на секој ќош се дига чашка ракија за здравје, а никогаш повеќе не се умирало од рак. 

Место на кое на јабанџија од која било точка на светот секогаш му се посакува најсрдечно добредојде, а на комшијата да му умре козата. Балканот е еден европски пашалак во кој некогаш се гинело за хумани идеали а денес нема идеали ни за кои би се живеело. Само се преживува некако.

Проклета авлија и една плодна ораница каде со векови наназад, браќа со оружје ги поместувале меѓите на дедовината. Тромеѓи за кои не знаеш дали кријат или ги нагласуваат различностите меѓу истите луѓе. Ние зборовите војна, бегалци, логор, во секојдневниот говор ги користиме како некои други народи зборовите леб, мајка, бог.  

Ние сме луѓе кои од толку историја не стигнуваат да мислат на иднината, Затоа и така бавно таа ни доаѓа.

А истовремено сме луѓе кои делови од својата историја толку опсесивно ги негираат што се подготвени со тоа повеќе да ги понижуваат отколку од нив да учат. Нам историјата не ни е учителка туку мачителка. Балканот е место на кое слични народи дозволуваат да ги раздвојуваат некои фантомски и невидливи работи, додека сите за око видливи и очигледни работи се негираат дека ги спојуваат. Единствената невидлива работа која нè спојува е гладта. 

А првата видлива која сега нè спојува е сиромаштијата. Некогаш нè спојуваа работни акции кои ја богатеа земјата а денес реални шоу кои го осиромашуваат духот. Слушаме иста музика која е помирува, но и политичари кои нè раскаруваат. Заедничко ни е и тоа што многу добро се лажеме себе си и - иако уште не можеме да се договориме каде се границите на новите држави а некогаш живеевме во една голема за која немаше граници - сите многу често се граничиме со лудилото. И изгледа дека токму во тие моменти ги носиме најважните одлуки.

Благдан

16 март 2017 - 11:37