Што сe случува кога смртници сакаат да пијат колку Черчил?

Мечка страв- мене не страв, двајца ентузијасти решаваат еден ден да испијат колку што пиел Черчил. А тој пиел цел ден, секој ден. Едниот од авантуристите завршува со врзан јазик и заблуда дека е смешен, а другиот признава дека утредента се истурил од повраќање.

„Извлеков повеќе од алкохолот, отколку што тој извлече од мене“.
Винстон Черчил

Черчил има репутација на брилијантен државник и импресивен пијач. 

Бившиот премиер џапал по цел ден, секој ден. Плус, палел и по десетина пури дневно а си дочекал длабока старост. 90-ка.

Кога еднаш фелдмаршалот Бернард Монтгомери му се пофалил дека „не пие, не пуши и е 100% фит“, Винстон ладно му возвратил дека тој “пие, пуши и е 200% фит“. 

И првата дама на САД, Еленор Рузвелт, била во чудо како „некој може толку да пие и пуши и да изгледа толку очувано“.

Во книгата „Нема веќе шампањ: Черчил и неговите пари“, авторот Дејвид Лоф го документирал лагерот што Черчил го држел во неговата резиденција во Кент.

Еве како стоел со залихи на 24-ти март, 1937-ма:

  • 180 литарски и 30 полу-литарски шишиња од пенливиот Пол Роџер.
  • 20 литарки и 9 полулилитарки друг шампањ.
  • Повеќе од 100 шишиња бордошки кларет.
  • 117 литарки и 389 полки Барсак.
  • 13 шишиња бренди.
  • 5 шишиња шампањ коњак.
  • 7 шишиња виски.

А сето тоа нема само да се испие. 

Дали Черчил имал дупка во стомакот? Необично висока толеранција? Неверојатна способност да личи трезен?

Виски сомелиерот Рекс Вилијамс и подкаст домаќинот Ендрју Хитон решиле да дознаат и да ја сипаат во себе дневната квота алкохол на Черчил. 

Не се први на кои им паднала ваква авантура на памет. Хари Волоп од Дејли телеграф документираше сличен обид во 2015-та година и заврши неславно. Судејќи по неговите 200 правописни грешки во дневникот, јасно е дека дневната доза на Черчил когнитивно го има оштетено. 

Експериментот на Вилијамс и Хитон пред камери личи на епизода од легендарната „Drunk History“ серија.

Еве ги вежбите, без препорака да ги пробате:

ПОЈАДОК

Еден сип од црвениот Џони Вокер, колку да ја облагороди чашата  кисела вода, да ве отвори. Може и уште еднаш, зашто по две нозе имаме. Пред ручек, Черчил пиел само меѓу 30 и 90 мл алкохол додека по пижами ги обавувал утринските задачи.

Оваа навика веројатно ја создал уште како млад војник, кога бил пратен во денешен Пакистан, каде скочот не само што го подобрувал вкусот на локалната вода за пиење, туку и „штом еднаш човек ќе пробал од таа мешавина, нејзината одвратност создавала некаква чудна неодоливост“.

По утрото поминато во пијуцкање, Хитон известува дека се чувствува „заиграно и расположено, но дека сè уште не е страшно“.

РУЧЕК

Време за сериозна количина шампањ.

Черчиловата омилена марка била Пол Роџер, иако немал ништо ни против Гислер, Моет или Помери, купени од луксузниот дуќан на „Радолф Пејн и синовите“ кои биле горди што се „добавувачи за Нејзиното Величество кралицата Викторија и Покојниот крал Вилијам Четврти“.

Според кажувањата на неговата пријателка Одет Пол-Роџер, Черчил уживал во шампањот од сребрена чаша, како „вистински едвардијански господин“.

Вилијамс и Хитон рокаат од високи чаши за шампањ, грицкаат одмрзнати рибешки прсти. Оттука па натаму, мамурлукот им е скоро па загарантиран.

Ручекот се завршува со коњак, чисто да се потсмири желудникот и да се влезе во процес на варење на храната.

Едноставен каков што го дал Господ  („Лесно се задоволувам со најдоброто“) Черчил би инсистирал на пијачка од куќата Хајн.

ПОПЛАДНЕВНА ДРЕМКА

Се чини дека за Черчил ова бил клучот на успешното справување со алкохолот. Често си дозволувал „да убие око“ и до 90 минути.

Од своја страна, Хитон проценува дека е спремен да „глуми трезен на состанок“. 

ЧАЈАНКА

Чајанка е само поради времето. Инаку, никако чај. 

Само постојан дотур на тенко виски со кисела вода, идеално за ублажување на стресот што некои работи мора да се довршат.

ВЕЧЕРА

Уште шампањ. Уште коњак. 

„Сега би требало да сме на врв на нашата луцидност“ му вели замелушениот Хитон на својот сопатник кој подригнува, а подоцна признава дека следното утро се турил од повраќање. 

Нивниот заклучок? Черчиловиот режим на пиење е неизводлив... барем за нив.

А можеби и за самиот Черчил. 

Прочуениот Кристофер Хиченс, во статија за Атлантик од 2002 година, тврдеше дека некои од најпознатите говори на Черчил (вклучително и славното ветување „ќе се бориме на плажите“, после чудото во Данкирк) се изведени од имитатор.

Норман Шели, кој го позајмува гласот на цртаниот лик Вини Пу во верзијата на ББЦ, вешто го доловувал гласот на премиерот кога овој не бил во можност самиот да држи говор. 

Или пак кога големиот државник не сакал да се одвои од чашата со омиленото порто (Graham’s Vintage Character Port), старо добро амонтиладо шери, или некој отстојан шампањ коњак.

 

20 октомври 2022 - 15:12