Како паразитите нè манипулираат?

Малите гадови не само што знаат непоканети да се инфилтрираат како кираџии во нечиј организам туку умеат и суптилно да го насочуваат однесувањето на домаќинот во своја полза.

Доктор Мајкл Мосли, еден од најпознатите медицински новинари во Британија, со месеци се заразувал со разни видови паразити за да види дали и како тие влијаат врз неговиот организам и однесување. 

Прво експериментирал со тенија, паразит кој може да живее само во луѓето и крупниот добиток. Во викторијанско време, жените наводно намерно јаделе јајца од тенија за да ослабат и да ја контролираат тежината. Ако е тоа вистина, тогаш си го губеле времето бидејќи со јајца човек не може да се зарази. Нив прво треба да ги проголта животно, да се развијат во него па да преминат во човек ако јаде недоволно термички обработено месо.

Но, и заразен со тенија, доктор Мосли не изгубил тежина туку напротив, нафрлил дополнителни килограми. Претпоставува дека тенијата го охрабрувала да јаде (бидејќи јаде за двајца).

Далеку поопасен паразит е плазмодиумот, паразит кој предизвикува маларија од која во светот умираат еден милион луѓе годишно.

Плазмодиумот се префрла од комарец на човек и обратно. Кога е во комарец, плазмодиумот му го заразува мозокот и го тера поагресивно да бара луѓе, тоест нови домаќини за себе. Кога е во човек, истиот паразит го менува човечкиот мирис за да биде попривлечен за комарци.

Веројатно најгенијалниот злотвор меѓу нив е извесна токсоплазма Гонди, најмногу проучувана кај глувците и мачките. Првите природно ги избегнуваат вториве - освен кога се заразени од паразитот. Во тој случај, глушец одеднаш почнува самоиницијативно да се мува околу мачки, што е фатално за него, но убаво за паразитот. Имено, за да биде изеден од тазе домаќин, паразитот прави мирисот на мачјата урина да му стане неодолив на глушецот.

Ќути, добро е што е само меѓу глувци и мачки.

Wait.

Емпириски е утврдено дека луѓето кои во себе имаат антитела на токсоплазма, имаат двојно повеќе шанси да настрадаат во сообраќајна несреќа. Се претпоставува дека тоа се должи на фактот дека паразитот ни ги забавува реакциите, веројатно надевајќи се дека ќе бидеме изедени од некој поголем предатор, само за тој да се осеќа ко нов.

19 февруари 2014 - 09:58